Радио МОФ ги одвои настаните, личностите и состојбите што ја одбележаа изминатата 2021 година. Повторно во знакот на глобалната пандемија со КОВИД-19, годинава донесе исчекување, моментни на неизвесност, надеж, со изблици на среќа, разочарување, од сè по многу. Имаше активизам, политика, образовни новости, култура, дискриминација… и сè измеѓу.
1.Година на „ваксајнс“
Пандемијата влезе и во 2021 година. Овојпат, малку од малку бевме поспремни, поинформирани за коронавирусот, ама новите соеви оставија неизвесност кога би завршила пандемичната сага. Она што беше новина од изминатата година, е тоа што Македонија, исто како и светот, започна масовна имунизација. Вакцинацијата влезе во фокусот на борбата против КОВИД-19, како единствена средство за враќање на стариот начин на живот, со постојани дискусии за начините на нејзино спроведување и влијание. Тоа го покажува и анализата на Балканскиот институт за култура и хуманистички науки, според кој најпопуларен македонски збор за 2021 година беше токму „вакцинација“, или како што би рекол екс премиерот – „ваксајн“.
Државата сè уште без централна кампања за вакцинација против Ковид-19 – единствената е на УНИЦЕФ
Со вакцините стигнаа и сертификатите. Станаа „билет“ за влез во трговски центар, кафуле или клуб. Сите тие по карантинските денови ги отворија вратите за посетителите, а оние граѓани без сертификати си останаа дома, или бараа начин да го заобиколат правилото за да не се делат од вакцинираните другари и роднини.
Суперхерои годинава повторно не беа ликовите на Марвел. Не поради тоа што кината пола година останаа со клуч на врата, туку, реалните суперхерои беа – медицинарите. Полни раце работа имаше цела медицинска, научна фела, но и медиумската заедница, особено што со пандемијата продолжи т.н. инфодемија. Медиумите играа голема улога во намалување на провевот на сомнителни содржини поврзани со КОВИД-19, вакцини, 5Г, чипирање и разни дезинформации и сензационализми кои со брзина на светлината се ширеа низ медиумското небо.
[Подкаст] Мегафон: Што е заедничко за дезинформациите и тортата?
2021 беше година за анализи. И тоа многу, од секаков тип. Пандемијата остави образовни и психо-социјални последици врз младите. КОВИД-19 на младите им го скрати домашниот буџет, некои останаа без работа, на други им беа намалени платите. Во март беше утврдено дека младинската невработеност е зголемена за 4%.
Според младинските организации од иницијативата „Млади во криза“, Владата пристапи со „чадор“ политики. Односно, обид да опфати што повеќе граѓани, но не и доволно таргетирани мерки за специфични групи меѓу младите, кои најмногу трпеа од кризата.
Младите со намалени плати и отежнат пристап до владините мерки во корона-кризата
Во поглед пак на младинското учество, истражување на МОФ и ВФД покажа дека 56 отсто ретко или никогаш не ги следат и не се заинтересирани за политичките настани и случувања во земјата. Само една третина од младите сметаат дека властите се запознаени со потребите и проблемите на младите луѓе. МОФ истражуваше и за предизвиците и потребите на младите низ различни региони во Македонија. Повеќе од една четвртина од младите сметаат дека квалитетот на живот им е влошен (19 %), или влошен во голема мера (8 %).
2.Турбулентни политички случувања
Македонија помина низ уште една турбулентна година на политичката сцена.
На 17 октомври се одржаа локалните избори на кои се случи целосен пресврт во локалната, а потоа и во централната власт. ВМРО-ДПМНЕ ги презеде градоначалничките места и мнозинството во советите во најголем број македонски општини кои претходно беа под водство на СДСМ. Губењето на градоначалничкото место во Скопје, пак, предизвика и премиерот Зоран Заев да најави оставка од функцијата што доведе и до ново парламентарно мнозинство и ќе води кон нов владин состав.
Наследник на Заев како претседател на СДСМ и потенцијален иден премиер е Димитар Ковачевски, кој го доби мандатот за состав на Влада од претседателот Стево Пендаровски.
Локалните избори повторно претставуваа уназадување на родовата поделба на власта. Беа избрани само 2 градоначалнички во вкупно 81 општина, што е најлоша родова распределба на градоначалничките мандати од локалните избори во 2009 година, кога не беше избрана ниту една жена на оваа функција. Иако младите не добија премногу функции во новата локална власт, новите градоначалници ветија доста амбициозни проекти чија реализација допрва треба да се следи.
[Интерактивна мапа] Што ветија новите градоначалници за младите?
Оставката на Заев не беше единствена во Владата. Пред него оставка поднесе и генералниот секретар, Драги Рашковски, кој потоа беше обвинет за незаконски набавки и перење пари. По пожарот во модуларната болница во Тетово оставки од морални причини поднесоа и министерот и заменик министерот за здравство, Венко Филипче и Илир Хасами, но нивните оставки потоа не беа прифатени.
Поради блокадите од Бугарија земјава повторно, по којзнае кој пат, не стигна да добие датум за почеток со преговори со Европската унија.
Истовремено, Македонија конечно се тргна од црната листа како една од ретките земји кои повеќе од деценија го немаат преброено своето население. По речиси 20 години беше спроведен Попис на населението на кој беа попишани 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови. Конечните статистички податоци Државниот завод за статистика треба да ги соопшти до крајот на март 2022 година.
3.Зелен активизам во и надвор од советите
Зелен Хуман Град (ЗХГ), Шанса за Центар, Независни за Карпош, За подобро Тетово, Поинаку од Битола, Стига е! од Струмица, Босилово и Ново село… сите овие иницијативи што во своето јадро на делување ја имаат екологијата или одржливиот развој – влегоа во советите на локалните самоуправи. Пандемијата делумно ја отежна уличната борба, а независните бараа поинакви алатки и механизми за делување, одвнатре, токму преку советите на општините.
Но, зелениот активизмот не се сведе само на таква борба. ЗХГ, Шанса за Центар и Алијансата „Разбистри се’“ преку реакции и протести се противеа на висококатниците спроти „Холидеј ин“ во Скопје. Овој простор стана мегдан за јавно соочување. Од една страна за (не)функционирањето на правниот систем и за коруптивните спреги, од друга за квалитетот на живот, растот на градот, сообраќајот, воздухот…
„Чист воздух од бетон не бива“ – протест пред ОЈО против висококатниците кај „Холидеј ин“
Активни годинава беа и „О2 Иницијатива“, Охрид СОС, „Го сакам Водно“, „Go Green“, „Колектив Зет“, НаТочак, „Еко-свест“, „Културно ехо“…
Жителите во скопска Гази Баба бараа отпадот од „Макстил“ или било кој друг инвеститор да се третира надвор од општината, притоа да се подигнат спортски терени или зеленило наместо капацитети. На интензивна јавна расправа, укажаа дека не сакаат никаква загадувачка индустрија.
[Видео + фото] Интензивна расправа во Гази Баба, прекината презентација за ДУП-овите
Граѓаните од југоистокот, пак, ја продолжија долгогодишната борба против рудникот „Иловица“. Управниот суд ја отфрли тужбата на компанијата „Еуромакс ресурцес“ и ја потврди одлуката на Владата за одземање на концесијата, но изгоренa од чекање „Здрава котлина“ беше децидна – „одлука сега!“.
Активисти го поздравија прогласувањето на Шар Планина за национален парк, но реагираа за малите хидроелектрани. Се противеа и на непостапување на институциите за дивоградбите за Охридскиот регион, особено што од УНЕСКО стигна уште еден поразителен извештај. На крајот, по долги консултации и натегања, Комитетот за светско наследство не го впиша Охрид во Листата на светски наследства во опасност. Даде уште една, нова шанса, што „Фронт 21/42“ ја карактеризираше како „голем триумф на политиката врз науката“.
Во 2021 конечно стартуваа активности за расчистување на малата депонија во ОХИС. Но еко-активисти се бунеа зошто нема никакво помрднување на останатите жешки точки како локалитетот „Лојане“.
Новитет беше и формираниот Граѓански инспекциски совет, кој треба да го следи работењето на инспекциските служби и надзорите за загадувањето.
Во паркот во скопско Ново Лисиче се отвори првата урбана градина наречена „Бостание“, работена по проект на здружението „Зелената Арка“. „Бостание“ претставува уште еден придонес кон остварувањето на концептот за отпорен град, односно приспособување кон климатските промени и зајакнување на урбаната отпорност на Скопје.
Се случуваа и акции. Едни фрлаа ѓубре, други чистеа. НеБидиЃубре повторно се пушташе на терен. Иницијативата што ја предводeше актерката и еко-активист Ирена Ристиќ „дивееше“ низ Македонија со метли, торби и екипа доброволци кои ревносно ја следеа. „Штип арт активистите“ спроведоа инсталација „Штипски Килиманџаро“ и акција со зебра што „краде боја“ од пешачките премини.
Уметница од Малта и уметник од Струга од ателјето Кандилка нудеа награда, односно професионален портрет за собрани отпушоци со цел да ја одржат чиста животната средина.
„За почиста Македонија“ организираа т.н. „TrashTour“. Низа еко-акции се случија од 24 до 29 август во Кичево, Прилеп, Кавадарци, Струмица и Штип. Годинава стартуваше и акцијата „Со срце за Голак“ од Делчево, дваесетина европски и македонски волонтери го чистеа Охрид, додека клубот „Врело“ вадеше шишиња и разен наталожен отпад во месноста Крапа.
Во очи на одржувањето на КОП26 во Глазгов, младите од Македонија побараа јавните конференции и собири да не се сведат само на „бла, бла, бла“, со слики на Фејсбук, туку и младите да се вклучат во климатската акција. Во кампањите против климатските промени се вклучија и јавни личности.
Од 1 декември, граѓаните почнаа да ги менуваат своите навики при купување, бидејќи стапи на сила новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување. Па така, во случај да не понесете своја кеса или платнена торба при шопинг, ќе останете со производите во раце или ќе треба да платете 15 денари за биоразградлива кеса.
View this post on Instagram
4.Солидарност и хуманост сред пандемија
Пандемијата и системските недостатоци повторно ги натераа луѓето да бидат и солидарни, и хумани, и креативни. Додека еден дел млади чекаа на ред за вакцина, други студенти волонтираа во ковид центрите. Се пријавуваа уште првиот ден. На вакцините гледаа како луксуз, бидејќи сметаа дека „државата не е способна да ги обезбеди“. Волонтерски на терен помагаа и Црвен крст.
[Видео] На терен со волонтерите на Црвен Крст кои помагаат во вакцинацијата
Поради малиот процент на имунизирани граѓани, низ Македонија можеа да се видат креативни акции од типот на „Информирај се, пријави се, вакцинирај се“. Истовремено, САНО правеше акција за децата болни од рак под мотото „Донирај ја својата коса и стани нечиј херој“, додека „Нахрани 10.000“ – хуманитарна акција за донирање храна во пет градови.
Репризно еден од „хајлајтите“ беше Денис Јанкуловски, т.н. Космонаутко, вработен во Центарот за јавно здравје. Тој грижата за здравјето на луѓето континуирано ја искажуваше на Фејсбук преку апели за почитување на препораки, пееше во утринските часови, а за новогодишните празници се активира со новогодишни честитки за дечиња.
Семејство од Свети Николе го доби јубилејниот, илјадити компјутер преку иницијативата „Донирај компјутер“, на кавадарчанецот Борче Стаменов. „Донирај компјутер“ означи пет години постоење, безброј насмеани лица и потрошени 0 денари.
И Социјалниот центар „Дуња“ одбележа пет години постоење. Дечките од „Дуња“ годинава организираа разни собири за заедничарење и донаторски акции. Луѓе носеа храна, основни производи и облека, а потоа тоа се делеше на социјално загрозени семејства.
Се случуваше и образовен активизам. „Рома рок скул“ почна кампања за донации за бесплатно музичко образование на деца Роми, додека матурантка организираше хуманитарна акција за децата кои немаа услови да следат онлајн настава.
Анализа на Радио МОФ покажа дека пандемијата многу од теренските акции ги замени со онлајн активизам на Зум, Дискорд, Мајкрософт Тимс, Гугл Мит… Тие станаа места за дружба, учење, договарање акции, следење настани, држење работилници.
5.Постепено враќање од онлајн на офлајн настава
2021 година стартуваше со настава од далечина. Музика, кафе и многу вода беа најчестите методи меѓу средношколците за смирување и опуштање пред и за време на онлајн настава. Преку ноќ, пандемијата им го промени начинот на учење. Една година подоцна, не секој успеа да се прилагоди на ситуацијата.
Часовите беа скратени, ама не и наставата, па учениците се жалеа дека се затрупани со материјал. Анализата „Далечинско учење или далеку од учење” покажа дека иако во учебната 2020/2021 година наставната програма беше прилагодена, процесот бил избрзан, ненавремен и не бил унифициран.
Учениците, сепак, од септември се вратија на настава со физичко присуство. УНИЦЕФ го повика целото општество „да вложи напори училиштата да останат безбедни и отворени“. Ваквиот развој на настаните разви дискусии дали, како и колку ќе се спроведуваат училишните протоколи. Едни родители бараа децата да им одат во школо за да не губат едукација и социјализација, други се плашеа за нивното здравје и не ги пуштаа на училиште, а периодов луѓе протестираа и против задолжително носење маски во школите.
Различни реакции поттикна и Концепцијата за основно образование. Беше усвоена во март по повеќе месеци дебати и спротивставени мислења. Од септември потоа стапи на сила кај учениците од прво и четврто одделение, кои според најавите на институциите треба да учат на динамичен, игровен, но и ефективен начин.
Колку сме спремни за новата Концепција за основно образование
Годинава почнa и нов систем за образовните асистенти. Вкупно 500 требаа да се исплаќаат од буџетот на МОН и да се вработат преку посебните училишта како „Златен Сремец“ и „Иднина“ (вкупно пет во Македонија), кои го менуваа статутот за да станат Училишта со ресурсен центар. Меѓувремено нетипичните деца требаа да поминат и проценки низ новоформираната Служба што работи по МКФ (Меѓународна класификација на функционалности).
Сепак, иако влегоа во училишните клупи, новата учебна 2021/2022 година за дел од децата со нетипичен развој стартуваше без образовен асистент. Родители долго време чекаа термин од Службата (МКФ), чиј извештај за образовен асистент мораше да се приложи во основното училиште каде детето е запишанo, за потоа асистентот да биде поддршка на наставникот во едукацијата.
Школската година за некои од нетипичните деца започна без образовен асистент
Преку петгодишниот проект „Младите размислуваат“, ќе се работи на вклучување на медиумската писменост во наставните програми и ќе се едуцираат млади од прво одделение, па се’ до студентите во универзитетите. Меѓувремено, ќе се организираат и обуки за наставници од основните и средни училишта во цела држава, ќе се обезбедат ресурси, материјали за подготовка на наставниците, вклучувајќи прирачници и збирки на вежби. Од една страна, целта е да се изгради отпорност од дезинформации, а истовремено и да се гради активно, одговорно граѓанство водено од емпатија. „Младите размислуваат“ е проект на УСАИД кој ќе го спроведува американската организација ИРЕКС со своја локална канцеларија во Скопје, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО).
ИРЕКС ќе работи и со Институтот за комуникациски студии, Младинскиот образовен форум и ново-создаденото младинско советодавно тело „Учиме да распознаваме“ (УРА тим), како прво од ваков вид. Со него, младите во земјата треба да имаат важна и активна улога во осмислувањето на активностите, кроењето политики и донесувањето одлуки на државно и локално ниво
Во поглед на високото образование, во 2021 за првпат во Македонија беа воведени стипендии за докторски студии.
Во првиот дел од годината секојдневието на студентите на УКИМ се состоеше од чекања во долги редици за пријавување испити, заверка на семестар, упис на година, „бркање“ професори за оценка во индекс, иако веќе ја завеле во електронскиот систем, но и недоразбирања со вработените на Студентски прашања. Причината за ваквата слика беше недостигот од соодветна дигитализација.
Годинава беа избрани нови студентски лидери на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охрид“ во Битола и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Претходно, соочени со пандемија, проблеми во финансирањето и бирократски пречки, студентските тела го завршија првиот мандат во кој функционираа според нови правила. Додека едни се жалеа на проблеми поради кризата со КОВИД-19, други воопшто не функционираа.
Ковид-19 и неискуството им ги заврзаа рацете на студентските лидери
Во последните месеци на 2021 се случи и „каша-попара“ со исплатата на студентскиoт субвенциониран оброк. Поради грешка во системот за електронски услуги, студенти добија погрешна информација за прекин на правото на студентски оброк иако претходно биле известени дека ги исполнуваат условите. По реакциите во јавноста, од МОН одговорија дека мејловите ги добиле студенти кои групно аплицирале за оброкот. Некои коишто добиле известување дека се одбиени, ги добиле средствата.
Речиси две години поминаа од донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики, со кој им се наложува на општините да отворат барем еден младински центар. Тие имаат уште три години рок за да го направат тоа, но засега, само во една општина има функционален младински центар. Тој е во Кавадарци.
6.Култура во време на корона 2.0.
МКЦ пред Македонија влезе во ЕУ – стана членка на реномираната мрежа на концертни простори во Европа, Liveurope. Центарот во Скопје претставуваше јадро за културен провод и спојување на младите. МКЦ оваа 2021 година ја стартуваше скромно, па пролетта беше домаќин на „Вечер на женски права“, 9-то издание на фестивалот „Земјотрес“, Светскиот ден на џезот, на концерти на „К.У.Р“ и Дино Имери, промоција на албум на „Stoned Hedge“…
Летото пукна сонцето и пукнаа настаните. „Прво па женско“, „Record store day“, „МКЦ за Скопје“, промоција на книгите „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња”, „Денот на црвот“, „Видеологија“… Заедно со ЕУ беше организирано и „Европско кино под отворено небо“ низ повеќе градови во државата.
Во август, продолжи морето од топлотни бранови, исцедени контејнери, електрични тротинети, салмонела од бајати мајонези, воздух што е полесно да го пакуваш, отколку дишеш. Граници затворени, а МКЦ ладеше нозе со црево и го имаше „Роман на годината“ заедно фондацијата Славко Јаневски. Добитник на наградата беше Владимир Јанковски за „Скриени желби, немирни патувања“. Тука беа и дел од проекциите од „Македокс“, но и концертот на светскиот пијанист Љубомир Мелник во изгорената шалтер-сала на Поштата во Скопје. На крајот од август се случи уште едно пандемиско, возбудливо издание на „Здраво млади“.
[Рецензија] Пандемиско издание „Здраво млади 11“ во паркот на МКЦ
Меѓу дел од настаните на МКЦ беа и „Скопје винил конвенција“, „Крај Вардарот Џез“, дел од програмата на култниот „Скопје џез фестивал“, „Нова идеја фестивал“, повратниот концерт на „Foolish Green“, свирката на „Seine“, МОТ, како и одбележувањето на „30 години Канал 103“.
Кај сидрото на бродот Скопје, подзаборавената знаменитост кај Камени мост, се одржа фестивалот „Нови простори“. Млади луѓе го организираа настанот, а разни ентузијасти, уметници и случајни минувачи на Кејот 13 Ноември заедно можеа да присуствуваат на поетско и прозно читање, изложба на дела од млади автори, свирка на свежи бендови и музички колективи. Годинава дебитираше и „Skopje Poetry Festival“.
[Интервју] Ѓоко Здравески: „Не го личи еден главен град без поетски фестивал“
Центар-Јадро продолжи да креира низа културни настани, а „Партизанска штампа“ да организира изложби. Првиот инклузивен хор имаше свој настап на плочник кај Соборна црква. На скопската улица „Рузвелтова“, пак, на фасадите беа поставени црно-бели портрети од 130-ина уметници, културни работници, креатори на културни политики или поддржувачи на културната сцена. Целта на авторките Весела Моловска и Марија Коробар беше да го свртат вниманието општата јавност кон културата и уметноста.
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде објавуваме кратки раскази од македонски автори. Во 2021 објавивме 15 раскази, напишани од објавени автори, но и раскази од дебитанти.
Ова беше плодна година за македонски музички изданија. Активни во издавачка смисла беа „Password“, „PMGJazz“, „Шарла“, „Skopje Jazz Festival“, „Ако никој не свири“…
Фолтин го објави албумот „Симултан бакнеж“, колективот „Undonе“ го издаде своето ново музичко парче „The Central Farm“, „21 век“ го извадија љубовниот „Си нацртав живот“, „Чиста околина“ се вратија со „Avant-garde Fatiguée“, потоа „Перија“ се претстави со „Fallan Fillan“, „Svetlost + Odron Ritual Orchestra“ со „А Wave Returns to the Ocean“, „Taxi Consillium“ со „The Еssential Sunday Gloom“, „Waltz in Wires“ со „Reminiscence“, „Ширшаја“ со деби истоимен албум. Druggy го објави својот прв албум „Неврзаните“ кој го најави со синглот „Кензо Танге“.
Во фокус беа и млади состави како „Cut your nipple“ со „The Jungle Book“, петчлениот состав „Man in a suit“ со првенчето „Reveries“, битолчаните „Misanthrope“ со „Temple of the Dark Light“, но и рокенрол надежта „Lufthansa“ со неколку музички парчиња.
Културата генерираше и незадоволство. Радиото „Стотројка“, иако функционира веќе три децении и стана феномен без преседан на овие простори со алтернативна програма што придвижува неколку генерации ентузијасти и уметници, својот роденден на 1 мај го помина со гласен молк. Редакцијата на 24 часа го исклучи радио-стримингот, како протест за да се врати ФМ фреквенцијата на ова култно радио. Повеќе културни работници и јавни личности побараа „ФМ фреквенција веднаш!“.
Преку герила-акција, иницијативата „Култура или фис-култура“ му даде „црвен картон“ на директорот на НУЦК „Антон Панов“, Васил Бубев кој беше поставен на функцијата. Струмичката иницијатива претходно организираше бројни протести и перформанси, со цел да го изразат несогласување од изборот. Културните работници повикуваа да запре „автократското владеење со културата, јавните добра и културните институции“.
Музичарите, пак, бараа фелата да не биде ограничена од пандемијата. Немаа свирки, а се бунеа дека немаат ниту владино обештетување да ја пополнат таа дупка. Се одржаа и протести пред Влада од претставници на музичари и организатори на настани. Некои бендови се пожалија и дека немаат место за вежбање.
7.Јавноста сведок на трагедии и пожари
„Републиката во пламен!“. За време на Илинден, односно Денот на Републиката во попладневните часови се проширија драматични фотографии и видеа од голем шумски пожар над Кочани. Пожарот како да го најави сè она што ќе се случува подоцна, иако неколку дена претходно низ државата се разгореа и други пожари.
Неколку недели со ред во Македонија беснееја над 100 пожари, а за гаснење на дел од нив помагаа доброволци и професионалци од Србија, Словенија, Бугарија и Романија. На помош се вклучија и околу 200 доброволци од Австрија кои подоцна добија огромен „аплауз“ за нивниот придонес. Во борбата против пожарите се вклучија и млади од Малешевијата.
„Дававме сè од себе“ – Младите од Малешевијата деноноќно помагаат во гаснење на пожарите
Во знак на благодарност, една од улиците во Берово сега се вика Жан Кофол. Таа го носи името на пожарникарот од Словенија кој летово беше меѓу доброволците кои со денови учествуваа во гаснење на пожарите во околината на Берово и Пехчево.
Со цел јавноста да добие поконкретна слика околу тоа каде сè гори, каде пожарите се изгаснале и колку ги има, Радио МОФ тогаш подготви интерактивна мапа која еден месец се обновуваше со најновите информации од Центарот за управување со кризи. Епилогот од пожарите од јуни до август е уништена површина од 11.420 хектари.
Уште еден национален празник – Денот на независноста беше засенет од трагедијата која се случи во Тетово. Пожарот во модуларната ковид болница која се запали и речиси целосно изгоре одзеде 14 човечки животи. Ова го поттикна министерот за здравство Венко Филипче да поднесе оставка, која подоцна не му беше прифатена. Според вештачењето на МВР се откри дека причината за пожарот била куса врска на прегреан кабел на дефибрилатор. Во истрагата за случајот помогна и тим на Сојузната криминалистичка служба од Германија специјализирана за истражување пожари. Но, неколку месеци подоцна, случајот сè уште е без разврска.
Нешто повеќе од една недела подоцна, група тетовци излегоа и на марш барајќи одговорност за пожарот, а настанот резултираше со неколку апсења.
Враќање од екскурзија во Истанбул заврши кобно за 45 македонски државјани, откако на 23 ноември во Бугарија се запали автобусот со кој тие се враќале назад во Македонија. Утрото информациите се ширеа молскавично и веќе се шпекулираше и со имињата на загинатите, патниците, но и бројката на загинати. За информација повеќе, роднини и пријатели уште утрото се појавија пред вратите на „Беса транс“ за да побараат одговори од нив, но тие беа затворени.
Уште вечерта институциите соопштија за низа нерегуларности. Автобусот кој изгоре не бил пријавен за меѓународен превоз, а беше најавено и одземање на лиценцата на компанијата. Веќе утредента „Беса транс“ остана без лиценцата за работа, односно и се забрани вршење на дејност. Македонија, Бугарија и Косово одма после тоа прогласија и ден/ови на жалост поради трагедијата. Истрагата сега е при крај, велат официјални лица од Софија.
8.Борба против онлајн насилство и дискриминација
Случајот „Јавна соба“ кој првично на македонската јавност и стана познат ланската година, повторно се актуелизираше и во 2021 година, откако една од девојките чија фотографија се најде во една од групите насловени „Јавна соба“, преку видеоснимка и се обрати на јавноста. И покрај тоа што случајот ја крена на нозе македонската јавност со улични протести, потреба за правда и воведување на законски регулативи за генерално новата појава на онлајн сексуалното насилство, моменталната разрешница е дека за „Јавна соба“ се обвинети две лица, кои се товарат за кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија. Сепак, одлука нема, а повеќето рочишта се откажани или отсуствувал јавниот обвинител. Се чека на Собранието да се усвои „Демнење“.
„Демнење“ чека во Собрание, „Јавните соби“ се претворија во традиција – како да се справиме?
Од Здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ информираа за случаи на сексуално вознемирување на жени и девојки Ромки на социјалните мрежи. Продолжи и борбата за здравство за Ромките од Шуто Оризари кои повторно се оставени без матичен гинеколог откако досегашната ординација е затворена бидејќи докторот замина во пензија.
Нема правда, нема мир“, „Правда за Ромите“, „Роми полицајци“, беа дел од паролите кои во септември се слушаа во Битола, каде се одржа протестот против полициска бруталност, откако два дена претходно битолчани Роми беа претепани од полициски службеници. Засегнатите граѓани се движеа по Главната улица во Битола, до седиштето на битолската полиција.
И по 9 години, активисти чекаат правда за нападите врз ЛГБТ заедницата. Тие пред Основното јавно обвинителство протестираа поради слабата заинтересираност на надлежните да ги расчистат случаите на напад врз ЛГБТИ активисти низ годините. Активистите преку протестот го повикаа Советот на јавни обвинители поригорозно да ја следи работата на јавните обвинители и да биде поактивен во утврдувањето на нестручно и несовесно вршење на функцијата.
Протест пред ОЈО – И по 9 години, активисти чекаат правда за нападите врз ЛГБТ заедницата
Со знаменца, транспаренти, музика од подвижна бина и со стотици луѓе, во јуни се одржа втората парада на гордоста во Скопје, која заврши во градскиот парк. На настанот се обратија бројни активисти, а дополнително беше организирана и забавна програма. Организаторите посочија дека настанот е протест, но и прослава, на која, како што рекоа, се реафирмираат надежите за посолидарно, похумано и поправедно општество.
Владата годинава, на предлог на Министерството за правда го утврди Предлог-законот за изменување на Законот за матична евиденција со кој ќе се овозможи признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица согласно позитивното меѓународно законодавство и почитувањето на сите човекови права.
Извикувајќи „Уа“ и со свирежи, голем број работници во декември се собраа на протест пред Собранието повикувајќи ги пратениците под итно да го изгласат законското решение со кое недела се прогласува за неработен ден. Притоа, потсетија дека бараат и измени на Законот за минимална плата. Нивните барања ги поднесоа во Собрание. Неколку дена подоцна, Собранието на 2о декември ги усвои законските измени за работни односи кои ја дефинираат недела како неработен ден. Измените треба да почнат да се применуваат од 1 јануари.
Со транспаренти и знаменца со натпис „Имам право на достоинствен живот“, луѓето со попреченост, нивните семејства и здруженијата организираа протести за да ги побараат нивните права за еднаквост во македонското општество. Со протестот присутните побараа итно покачување на додатокот за попреченост на сите категории, изедначување на биолошките семејства со згрижувачките, но и остварување на правото да работат и да имаат непречен пристап до работното место, соодветен животен стандард, право на домување. Инклузијата беше актуелна и од аспект на пристап во факултетите.
„Инклузија на факултет воопшто нема“ – Колку УКИМ е пристапен за студентите со атипичен развој
Студија за пристап до менструална хигиена годинава покажа дека над една третина од средношколките (37 отсто), отсуствувале од училиште поради менструација. Дури 65 отсто од нив воопшто не зборуваат на оваа тема затоа што е срамота. Сепак, 81 отсто од средношколките се согласни дека училиштата треба да имаат достапни бесплатни влошки или други производи за менструална хигиена.
Генерално, годинава повторно се утврди дека маргинализираните и ранливи групи (о)станаа исклучени во пандемијата.
Маргинализираните и ранливите групи (о)станаа исклучени во пандемијата
Кон самиот крај на 2021 година, Радио МОФ се осврна на проблемите со кои се соочуваат лицата без документи и бегалците во земјава.
Лицата без документи немаат матичен број, немаат Извод од Матичната книга за родени, немаат државјанство од ниту една држава. Ова ги прави една од најмаргинализираните групи во општеството, лишена од основните човекови права. Според проценките на невладините организации се работи за околу 700 вакви лица кои живеат во земјава. Најголемиот дел од нив се Роми.
Во поглед на бегалците, иако официјално затворена, Балканската рута во 2021 сè уште се користи од луѓе што бегаат од војни, или едноставно трагаат по подобар живот и егзистенција. Некои сакаат и да останат во земјава. Од Авганистан, Пакистан, Сирија, Ирак, Куба, Индија… сите тие сè уште се соочуваат со системски недостатоци, проблеми со својот статус, предизвици со интеграцијата во земјава, често се и попатни жртви на криумчари или на ксенофобични напади.
„Мафидонија“ или Македонија: Бегалците обесправени од системот и жртви на криумчари
9.Младински успеси
Оваа година сепак може да се памти и по добро. „Противотров“ против пандемијата беа успесите на младите индивидуалци кои се стекнаа со награди и признанија во нивните полиња на делување.
Петар Барлаковски е избран за првиот младински претставник од државата во Обединетите Нации, со мандат од две години. Младинскиот делегат претставува функција која се доделува на млад човек од страна на држава-членка на Обединетите Нации, со цел да учествува на важни меѓувладини состаноци во дел од телата на ОН, но истовремено има улогата и на промотор на младите од државата во меѓународните односи.
Петар Барлаковски е првиот македонски младински претставник во Обединетите Нации
Филмот „Сестри“ во режија на Дина Дума, а во продукција на Лист Продукција, ја освои специјалната награда од жирито на церемонијата за затворање на 55-то изадние на престижниот Филмски фестивал во Карлови Вари, Република Чешка. „Сестри“ е и македонскиот кандидат за престижната филмска награда „Оскар“. „Сестри“ е прв наш филм што се прикажува на „Нетфликс“.
Maкедонската актерка Сара Климоска ја доби наградата „Ѕвезди во подем“ (Shooting stars) која секоја година се доделува на најталентираните европски актери од платформата Европска филмска промоција (ЕФП). Ѕвездата на филмот „Врба“ се најде меѓу 10-те млади актери кои ја добија наградата на манифестацијата која ќе се одржи дигитално од 23 до 25 февруари, пред 71-то издание на Берлинале.
Познатата македонска апликација AirCare (МојВоздух) на активистот, нов советник на Град Скопје и претприемач Горјан Јовановски, беше прогласена за победник во категоријата „животна средина и зелена енергија“ на „World Summit Awards“ 2020. Како единствен победник од регионот, таа беше во конкуренција со над 600 пријавени идеи ширум светот кои се натреваруваа за престижната награда доделена од WSA – организација основата од Обединетите Нации.
Елена Чемерска беше петнаесетта по ред добитничка на наградата ДЕНЕС за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка до 35 години.
Тројца млади автори рамноправно ја добија наградата „Најуспешен автор и дело“ 13.Меѓународно биенале на млади уметници – „Страст за лутање“. Наградени беа Наташа Неделкова (Македонија), за делото насловено „Ткива на идентитет“, Дарко Алексовски (Македонија) за „Never Not in Love/Никогаш незаљубен“ и Дритон Селмани (Косово) за скулптурата „No But No (or reverse) / Не но не (или обратно)“.
Годинешната награда за најдобар млад македонски џез музичар на реномираниот „Скопје џез фестивал“ овојпат отиде во рацете на талентираниот скопски гитарист, композитор и импровизатор Филип Букршлиев.
„Создаваме вредности“ – на овој начин Друштвото на физичари на Република Македонија соопшти дека македонските учесници на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки освоија шест медали, односно едно сребро и пет бронзени медали. Алексиј Тасиќ освои сребрен медал додека Иван Костевски, Андреј Стојановски, Марио Ванчоски, Матеа Митревска и Теона Ана Георгиевска освоија бронзени медали на олимпијадата која се одржа во Дубаи од 12 до 21 декември.
10.Спортско еуфорична треска
„Одиме на европско“ – вака гласеше навивачката химна за македонската репрезентација која годинава за прв пат се пласираше на Европското првенство во фудбал. Македонската јавност еуфорично ги следеше натпреварите на избраниците на Игор Ангеловски кои на крај испадна во групните натпреварувања. Но, сепак, фудбалот донесе радост и на многумина им го оствари сонот од детство – дочекаа да ја видат репрезентација на ова континенталното натпреварување.
Еден месец подоцна, станавме сведоци на уште една успешна спортска приказна – сребрен медал за Македонија по теквондо на Олимписките игри во Токио. Заслугата сега е на младиот Дејан Георгиевски кој ѝ го донесе вториот олимписки медал на земјава од независноста па наваму.
Спортска радост летово донесоа и танчерите од Специјалната олимпијада Македонија кои се закитија со два сребрени медали ан Светскиот шампионат во танц како спорт кој се одржа во Грац. Во конкуренција од 13 земји, каде се натпреваруваа 80 атлети, танчерите освоија второ место во индивидуален перформанс во стомачен танц и второ место во тимски перформанс на јунифајд екипата со танго бачата.
Македонските цареви за „кантер-страјк“, поточно за „кантер-страјк глобал офензив“ есенва во Израел го освоија Светското првенство на Меѓународната еспорт федерација. Изненадувањето и возбудата беше голема, а уште една позитивна вест беше и дека еспортот наскоро ќе се официјализира. Останува да следиме и да видиме како ќе се развива целата гејминг приказна.
+Бонус
И, на крајот, да си се пофалиме! :)
Радио МОФ во 2021 анализираше и истражуваше разни теми од јавен интерес, за кои наши новинари собраа неколку награди. Најпрво наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство што ја доделува Здружението на новинари на Македонија, за сторијата во две продолженија „По трагите на Лиса и Филипче, балканските рисови кои обединија три држави” и „Недопирливите убијци на балканскиот рис”.
Овие регионални приказни за „големата мачка со мали шанси“ беа препознаени и од жири-комисијата што ни ја додели и годишната награда за истражувачко новинарство на Европската Унија.
Наши новинарки ја добија и наградата „Жан Моне“ за најдобра новинарска сторија, повторно доделена од Делегацијата на Европската Унија во Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Се работеше за сторијата „Од Вива ла Дива до победа во Стразбур – колку државата е отворена за транс права“, поврзана со предизвиците на трансродовите лица.
Исто така, на наш новинар му беше врачена и втора награда на конкурсот за теми поврзани со аерозгадувањето, во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Темата се викаше „Децата ни се жртви на арсенот“ – рударскиот локалитет „Лојане“ фатален за жителите од липковските села“.
Продолжете да нè читате во следната 2022 година. А, ние ќе се потрудиме да не ја изневериме вашата доверба со тоа што ќе испорачуваме квалитетни и етички содржини кои ќе ве тераат да размислувате, да се информирате, едуцирате или забавувате.
Имајте среќна и позитивна 2022 година!
Тимот на Радио МОФ