Намалена мотивација, паника и стрес – средношколци со совети до соучениците како да ја преживеат онлајн наставата

Музика, кафе и мнооогу вода се најчестите методи меѓу средношколците за смирување и опуштање пред и за време на онлајн наставата.

Преку ноќ, пандемијата им го промени начинот на учење. Една година подоцна, не секој успеа да се прилагоди на ситуацијата. За многумина процесот и понатаму е стресен и создава паника, особено при онлајн испрашување и полагање матура. Кај други, пак, видно е намалена мотивацијата за правење било што.

Но, за целиот процес да биде поднослив и да не влијае сериозно на физичкото и менталното здравје, Радио МОФ праша неколку средношколци од различни училишта кои ги споделија своите искуства и совети за ефективно следење на онлајн наставата.

Леонид Момироски, ученик во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп

Утрински ритуал: Најчестиот расонувач со кој се користат сите средношколски е некаков вид на кафе, дома подготвен непосредно пред наставата, но не и јас. Единственото нешто што може да те разбуди поубаво од кафе е чаша ладна вода откако ќе се разбудиш. Потоа се туткаш во твојата постела надевајќи дека нема да заспиеш додека професорот се труди напорно да предава од својот дом. Сепак, и тие се луѓе нели, и нив им се спие.

Расположение: Онлајн наставата може често да те намачи, некои одговарања и тестови се исто така стресни како да ги правиш во живо, па се наоѓаш во една трка со времето дали на време ќе го предадеш тестот. Сите ученици се доста анксиозни за време на завршетокот на тестот во случај да не го испратат па да имаат слаби оценки, а претходно да учеле со вечери.

Совет: Мојот совет до соучениците е да ја слушаат наставата лежејќи бидејќи седејќи по училишните клупи, отсекогаш сме посакувале да можеме да легниме. Епа лежете и уживајте.

Марија Ванѓеловска, ученичка во СОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид

Утрински ритуал: Да не го преспијам алармoт за да не сум запишана. Најважно да си ги наместам шишките и да си сварам кафе.

Храна и пијалок: Кафе, секако, и нешто благо.

Расположение: Онлајн наставата ме онерасположува, предизвикува чувство на досада, те изморува гласот од професорката и не можеш да се концентрираш. Кога доаѓаат тестови, стресот е зголемен, се јавува нервоза и едвај чекаш да заврши сè.

Совет: Учете редовно иако тоа ретко кој го практикува. Станете од кревет и седнете некаде за барем да слушнете нешто од она што предаваат, инаку ќе заспиете до следниот аларм. Најважно! Не се оптоварувајте многу, што и да е ќе помине.

Леон Шумански, ученик во гимназијата „Орце Николов“ – Скопје

Утрински ритуал: Немам некој конкретен ритуал. Мијам лице, заби, се пресоблекувам, правам кафе, но особено задоволство ми претставува утринското зјапање во ѕид. Откако ќе го направам кафето, обожавам да седам во тишината и да уживам во погледот пред мене – ѕидот. Нешто како медитација изгледа, што знам..

Храна и пијалок: Обавезно литар ипол вода и крекери како survival kit. Исто така, на секои два саати сакам да пијам и по некое чајче.

Расположение: Па, конкретно ми се спие повеќето од времето. Иако тие што се со мене во клас кога одевме на школо со физичко присуство ме знаат ко оној што замара отсабајле и најенергичниот, сега, во комфортот на мојата соба сум многу успан.

Совет: Пази да не не си мјутнат. А ти, што го читаш ова, знам дека гледаше во одговорените прашања на компјутер дур одговараше!

Теодора Велкоска, ученичка во СОУ ,,Ѓорче Петров” – Прилеп

Утрински ритуал: Пред да започне првиот час најважно е да се расонам добро, во спротивно можноста да ги преспијам првиот и вториот час е многу голема.

Храна и пијалок: Да се пие вода е навистина многу важно, а јас често заборавам и не пијам, па затоа ја користам приликата тие 6 часа што седам пред лаптоп да пијам многу вода. Големо шише вода е единствено што ми е потребно, храна за време на часовите си подготвувам. Најлошиот момент ми е кога професорот ќе ме скорни додека јас опуштено си готвам.

Расположение: Моето расположение зависи од тоа дали собата во која држам онлајн настава е средена. Да, навистина моето расположение зависи од тоа.

Совет: Мојот совет е оставете ги сите полни чаши со вода, кафе или сок на друга маса, има голема можност да истурите на лаптоп, боли верувајте. Средете ја собата и одржувајте ја концентрацијата.

Матеј Кардула, матурант во СОУ „Наум Наумовски-Борче“ – Крушево

Утрински ритуал: Со станувањето половина час пред почетокот на наставата имам „разговор“ со домашните миленици (за смирување) и извршување на основни хигиенски рутини (за расонување).

Храна и пијалок: Свежо цеден сок, кафе, доручек, кафе.

Расположение: Самата онлајн настава кај нас младите предизвикува чувство на монотоност, што пак е причинител за појава на: стрес, неисполнетост, меланхолија итн. Меѓутоа кога станува збор за професорите (оние кои покажаа незаинтересираност за нашето ментално здравје), кај нас предизвикаа дополнителен револт, анксиозност, намалена мотивација и роботизирано живеење во затворен циклус.

Совет: Да не се преоптоваруваат со професорите кои со цел да ги задоволат своите егоцентрични апетити и авторитет (поради чувството на намалена контрола врз учениците), нас не „напаѓаат“ со изобилие на нереално амбициозни и бесцелни задачи. Учете за себе!

Амелиа Георгиевска, „Орце Николов“ – Скопје

Утрински ритуал: Секогаш пуштам музика половина час пред наставата. Со рок музиката започнува мојот училишен ден. Се полнам со позитивна енергија и самодовербата. Во последно време ги слушам песните на Pink Floyd и Pearl Jam.

Храна и пијалов: Никогаш не го почнувам денот без да испијам една цела чаша чај или вода. Многу зависи од часовите. За доручек пијам по два литри вода и јадам многу овошје.

Расположение: Онлајн настава е захтевна и да бидам искрена не ми влијае добро на психата. Од сабајле се вознемирувам. Отсуствува забавниот дел, од класот, од училиштето. Попладне сум благодарна што часовите се завршени. По часовите се чувствувам како целата енергија да ми е исцрпена од телото, како исцеден лимон. Не можам доволно да се посветам на себе си, а тоа ме прави несреќна.

Совет: Порано не обрнувам многу внимание но оваа година разбрав дека најважно е менталното здравје. Јас многу паничам и стресот кои ми го предизвикува училиштето лошо влијае врз мене. Еден од начините да се справам со стресот е со примена на техника на длабоко дишење и истовремено броење на глас се додека не се намали пулсот на срцето.

Најчесто пред испрашување или тест ме фаќа огромна паника и си поставувам неколку прашања кои ме смируваат и ме прават свесна за атмосферата и околината околу мене: Каде сум? Што правам? Како ќе го направам тоа?

Обидетете се да ја примените оваа техника! Многу помага!

Емилија Петреска