С. Македонија сè уште нема регулативи за дигиталното родово насилство

„Колку е добро градена за 15 години“, „Скини ја татенце“, „Има ли некој слики од професорки добри“, – ова се дел коментарите кои се пишуваа во групата „Јавна соба“ на Телеграм, каде освен слики и видеа од жени и девојки, се споделуваа и нивни имиња и презимиња, но и адреси и телефонски броеви.

Овие коментари ги прочитале и истражувачките Неда Петковска и Васка Лешоска кои во соработка со Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство решија да подготват извештај на тема „За кого Интернетот е безбедно место?“

Во него ги документираат сите случувања откако се откри случајот „Јавна соба“ па сè до денес, а истовремено компаративно претставија како неколку земји го имаат регулирано дигиталното родово базирано насилство.

Во рамки на истражувањето, Петковска и Лешоска споделија дека судењето за „Јавна соба“ е кафкијански процес.

„Следевме што се случува досега на рочиштата. Нема одлука, повеќето рочишта се откажани или отсуствувал јавниот обвинител. Следното е закажано за 3 декември, требаше многу да копаме за да откриеме кога е закажано“, истакнаа тие.

Инаку, моментално за „Јавна соба“ се обвинети две лица – за производство и дистрибуција на детска порнографија.

Овој документ тие вчера за првпат го претставија во Комитет, на што следуваше дискусија. Во неа, од публика се вклучи и претставничка од Министерството за правда, која воочи дека во нашата држава проблем не е усвојувањето на законите, туку нивната имплементација.

„Знаете како, нема проблем со изработката на законот, ќе го изработиме, но има проблем со примената. Тоа ние е навистина клучен проблем. Немаме статистика за новите дела кои се усвоени. Имавме во скоро време потреба од статистика за злосторство од омраза, со тешки маки дојдовме до податоци“, забележа таа.

Јавна соба и што потоа?

Истражувачката Лешоска истакна дека темата за Извештајот е инспирирана од случајот „Јавна соба“.

„Се обидовме да ги документираме случувањата преку новинарски натписи и се обидовме да документираме како институциите, работат на случајот, меѓутоа ништо не се случува. Заклучокот, за жал, нема никого да изненади, има отсуство од хармонизирана акција“, поентираше таа.

Лешоска нагласи дека во дискурсот на јавните институции случајот „Јавна соба“ не беше третиран како родово базирано насилство.

„Се зборуваше за повредата на правото на приватност на граѓаните, се зборуваше за детска порнографија. Некои од изјавите беа дека е повредено правото на приватност на илјадници жени и девојки, дека граѓаните и нивните права пред се треба да се заштитат“, забележа Лешовска, дополнувајќи дека премиерот и министерот за внатрешни работи спомнале родово насилство само на партиска трибина по повод 8 Март.

Истовремено, како дополнителен апсурд беше забележан фактот дека додека институциите ги повикуваа жртвите да пријават, тогашниот технички министер за внатрешни работи изјави дека дел од лицата коишто се пријавиле како жртви едноставно не ги исполнуваат елементите за водење на каква било кривична постапка.

„На интернет, функционерите само циркуларно си ја префрлаа одговорноста. Во еден момент, „Телеграм“ беше крив што не соработува со нашите институции и конечно затоа што ја штити приватноста на своите корисници, иако приватноста на многу девојки и жени беше злоупотребена“, посочи Лешовска.

Таа додаде дека иако сè уште нема суд за родово базирано насилство, јавноста го увиде судот кон жените и девојките.

„Видовме јавен суд, ама многу често тој ги обвинуваше жртвите – „кој ги терал да се сликаат така“. Имаше случај со „Гевгелија Хаб“, каде што жртвите беа предмет на линч од своите сограѓани од помалите градови“, истакна Лешовска.

Моментално, измените во Кривичниот законик, како „Демнење“, се поминати во Собрание, но сè уште се чека на изгласување, за што е потребно двотретинско мнозинство.

Како и каде дигиталното родово насилство е регулирано?

Истражувачката Неда Петковска посочи дека според правната легислатива која се применува во земјава,  има прописи со кои се регулираат насилството во онлајн просторот и правото на приватност.

С. Македонија во 2001 година е потписник на Првата конвенција за сајбер криминал во Будимпешта.

„Ова е Конвенција која се применува во државата во 2004 година, меѓутоа овој документ регулира пред сè криминал во онлајн просторот од типот на повреда на авторски права, прекршување на интернет протоколи итн. Исто така, нагласува и спречува дистрибуција на детска порнографија, што значи дека повторно фокусот е на детска порнографија, кој се пренесува во нашата легислатива и оттаму е основата за гонење поради производство на детска порнографија“, посочи Петковска.

Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на децата од сексуална експлоатација, исто така е  ратификувана во Северна Македонија во 2012 година и има цел да ги заштити децата од сексуална експлоатација.

„И тука недостасува експлицитна одредба која го регулира проблемот со регулирање на онлајн просторот. Со оглед на годините кога се донесени овие конвенции, има голема разлика во користењето на интернетот тогаш и денес“, вели Петковска.

Петковска се осврна и кон Конвенцијата за елиминација на дискриминација на жените, која не го препознаваше родово базираното насилство во онлајн просторот сè додека во 2017 година не се донесе препораката 3, со која се препознава дека насилството се случува во сите сфери.

„Овој документ е само генерална препорака, не е обврзувачка, а обесхрабрувачки е што ова е една од Конвенциите која што има највеќе отстапки од државите потписнички, што значи дека државите можат селективно да одберат кои делови од конвенцијата ќе ги прифатат во своето законодавство, а кои не“, објаснува таа.

Истанбулската конвенција, поставува јасни и правни стандарди за заштита на жртвите која ја гарантира слободата на жените и другите жртви на насилство, нагласи Петковска, посочувајќи дека и покрај тоа што Конвенцијата обезбедува заштита за жртвите од сите форми на насилство и овој текст не укажува на отворено препознавање на интернетот како потенцијален простор каде може да се случува родово базирано насилство.

„Толкувањето на Конвенцијата е широко и кога се пренесува во домашниот контекст, таа придонесе кон усвојување на сеопфатен Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и овој закон експлицитно го препознава и дигиталното родово базирано насилство и го дефинира во член 3“, истакна Петковска, дополнувајќи дека во членот 40, Истанбулската конвенција предвидува и го криминализира секој облик на сексуално вознемирување.

Кога би се пренело во домашен контекст, би требало кривично да постои облика на родово базирано насилство санкционирано со кривичниот законик.

Во Извештајот на истражувачките опфатени беа и регулациите на други земји, каде тие стапиле во контакт со  граѓанскиот сектор, пратеници и независни експертки од четири земји  – Португалија, Велика Британија, Албанија и Унгарија.

Според нивните податоци, дигиталното родово базирано насилство или е целосно непрепознаено и нерегулирано, како што е во случајот со Унгарија, или е законски регулирано како форма на насилство. Па, доколку се користат компјутерски уреди, тоа се смета за потежок облик на насилство, како во случајот на Португалија и Албанија.

Во случајот со Велика Британија станува збор за специфични закони кои го регулираат онлајн насилството земајќи го предвид родовиот елемент.

Гуглајте се

Според истражувањето на Лешовска и Петковска, иницијативите против дигитално родово базирано насилство најчесто ги водат активистките и феминистките, но и граѓанските организации, а во поретки случаи и властите.

Истражувачките укажаа на интересни примери за заштита од дигитално родово базирано насилство, па така, посочени беа примерите од Велика Британија и Португалија, каде што се поставени сервиси за заштита на жртвите и стратегии за самозаштита.

Во Португалија поставена е СОС линија, која ги насочува жртвите каде да се обратат и каде да пријават.

Интересни водичи за самозаштита е направени од повеќе невладини во Велика Британија.

„Водичите за самоодбрана нудат онлајн услуги на сајтови каде може да се проверат податоците кои се оставаат на интернет после секоја комуникација, но и сајтови каде може да се проверат личните податоци кои ги користат социјалните мрежи“, посочија истражувачките.

Освен веб-страниците, во странските водичи за самозаштита е наведено дека треба почесто да се „гугламе“ себеси, за да видиме кои информации се јавно достапни за нас.

Од испитаните земји, увидено е дека состојбата во Албанија е иста со домашната, меѓутоа, дури и земји членки на ЕУ, како Унгарија, немаат преземено доволно.

„Дигиталната писменост е неизоставен дел од повеќето стратегии, па оттаму колку повеќе се посветиме на дигиталната писменост, толку позаштитени ќе бидат најранливите категории на луѓе“, наведоа истражувачките.

Ивана Смилевска