Само 2.5% од избраните градоначалници се млади, покажа истражување на ВФД

Два месеци по одржувањето на локалните избори, Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) денеска го презентираше истражувањето „Одложено младинско учество“ во кое се посочува дека само 3% од кандидатите за градоначалници се млади, односно 2.5% од избраните градоначалници.

Најмногу кандидати, односно тројца предложиле СДСМ и коалицијата, двајца предложила партијата БЕСА, додека партиите ТМОРО, Македонска Ера Трета, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и коалицијата ЛДП и ДОМ предложиле по еден млад кандидат за градоначалник.

„Вкупно 43 политички субјекти воопшто не предложиле млади кандидати за градоначалници. Во оваа бројка влегуваат и ги вклучува и кандидатите поддржани од независни групи на граѓани. Ова е важно да се напомене пред се за да имаме подетален преглед дали можеби е важна големината на политичката партија, дали е можеби интересно да видиме независни кандидатури, дали се повеќе млади…“, рече истражувачот и еден од авторите на истражувањето Блажен Малески.

Младите луѓе се предложени во само 11.11% од општините, што е релативно мал процент, додава Малески. Просечната возраст на кандидатите и кандидатките за градоначалници била 47 години, односно најмладата кандидатка за градоначалничка имала 21 година, а најстариот кандидат имал 71 година.

„Она што е интересно е дека две третини од младите кандидати се во руралните општини. Тоа значи дека младите имаат многу повеќе пристап кон политичкиот живот, барем за позицијата градоначалник, градоначалничка во руралните општини, што за нас беше интересно пред се бидејќи голем број од младите и студираат во други општини, неретко и во градот Скопје. И оттаму беше за нас интересно да ја приметиме оваа важна разлика“, додава Малески.

Просечната возраст на избраните градоначалници пак е 42.6 години, односно најмладиот градоначалник има 24 години, додека најстариот има 64 години.

Дамир Незири кој е претставник на ВФД во земјава вели дека најголем дел од прашањата кои влијаат врз квалитетот на животот на младите се во надлежност на локалната самоуправа. Незири додава дека почнувајќи од образованието и детската заштита, урбанизмот и локалниот сообраќај, па се до управувањето со отпад и заштитата на животната средина, тие области влијаат директно врз секојдневието на младите.

„Затоа е важно во органите на локалната самоуправа да бидат вклучени млади кои ќе ги пренесат потребите на оваа група на граѓани“, вели тој.

Воведување квоти за повисока застапеност на младите

Просечната возраст на кандидатите за советници во општините е отприлика 39 години, посочи Јована Ѓорѓиовска која е исто така авторка на истражувањето. Таа додаде дека распонот на возраст на кандидати се движи од 19 до 91 година, за што вели дека е одличен податок, но посочи дека многу голем дел од кандидатите се на возраст од 30 до 49 години.

Од вкупно 10.532 кандидати, 26.4% се млади, но од избраните советници овој број изнесува 17.4%. Според истражувањето, младите имаат највисоки позиции на листите во руралните општини односно 35.6%, потоа во урбаните општини 24.3% и најниски во општините на Град Скопје со 16.3%.

Просечната возраст на младите кандидати пак е 24 години, вели Ѓорѓиовска која додава дека имало предложени советници од 18 па се до 29 години, што е и законската граница која дефинира едно младо лице.

Истражувачката посочи дека е многу важно да се разговара за младинските квоти, за кои вели дека според светската литература се многу добра пракса.

„Ако се сеќавате започнавме со 30% за жени на ниво на парламентарни избори, за да стигнеме до 40%, за на претходните да имаме заложба за 50-50% што всушност значи дека во некој момент ние навистина би можеле да ја постигнеме таа висока застапеност на помалку застапениот пол. Но, токму овој долгогодишен развој, овој напредок што го гледаме преку потребата на квоти за помалку застапениот пол можеби е добра пракса која што треба да ја пресликаме за младите кои се помалку застапени од останатите групи“, рече таа.

Една од препораките на истражувањето е проширување на формуларот, односно добивањето на повеќе информации за кандидатите за градоначалници и советници на изборите.

Дополнително, Ѓорѓиовска посочи дека на младите кандидати често им недостасува поддршка, но и дека и онаа поддршка што тие ја добиваат не е доволна за максимално да го искористат својот потенцијал.

„Од директна финансиска поддршка за спроведување на кампањи, до директни искуства за тоа како се водат политички процеси, како се гради една програма за избори, како се води локална самоуправа и што тоа значи во практична смисла за еден млад кандидат кој утре на своите 23-24 години треба да стане градоначалник, односно член на совет“, рече Ѓорѓиовска.

Таа додаде дека кога веќе се користи фингерпринт методологијата, важно е и понатаму да можат да се употребат ваквите податоци за да се знае каде, како и кои млади гласаат, но и за тоа што всушност тоа значи за политиките кои понатаму тие млади ќе ги претставуваат на локално ниво.

Од Фондацијата за демократија на Вестминстер најавија дека целосното истражување кое се однесува на минатите локални избори ќе биде објавено во следниот период каде ќе бидат наведени подетални информации, но и препораки.

Мартин Колоски