Истражување: Рeчиси половина од програмите на партиите нудат многу малку или ниту една мерка за млади

Младите се важна тема само за дел од партиите и коалициите, најчесто поголемите. Рeчиси половина од програмите на политичките партии нудат многу малку или ниту една мерка за млади. Ова се дел од заклучоците на новата анализа што ја изработи Фондацијата за демократија на Вестминстер.

„Младите имаат потенцијал и заслужуваат поголем простор во политиката“ е пораката која произлезе од вчерашната дискусија меѓу подмладоци на политичките партии, на која беше презентирана и анализата.

Во неа се наведува дека политиките за млади се најчесто во областите економија и образование, каде партиите предвидуваат политики за даночни олеснувања, капитал за започнување бизнис, зголемено финансирање на образование и наука, подобрување на квалитетот и инфраструктурата на образованието. Други теми кои почесто се појавуваат се иновации, младинско учество и стандард.

Сепак во програмите, забележуваат од Фондацијата, има и теми кои отсуствуваат, а се важни за младите, како на пример: ефектите од пандемијата на КОВИД-19, евроинтеграциските процеси, правдата и младинските права и животната средина.

Впечатливо за нив е што изборните програми малку се разликуваат по својата суштина, без разлика од која партија доаѓаат, областа или идеолошката гледна точка, што според авторите на анализата, укажува на потенцијален простор за политичка соработка, во интерес на младите и нивната иднина во земјата.

„Што се однесува до кандидатите за пратеници, просечната возраст на кандидатите на парламентарните избори била 42,5 години. Иако младите се застапени со висок процент (19% од сите кандидати имаат под 29 години), тие почесто се наоѓаат на позиции со пониски шанси за успех. Кандидатите на возраст од 40 до 49 години се најчесто на добитничките места“, стои во анализата.

Препораките на истражувањето се политичките партии да ја поттикнуваат вклученоста на младите и нивната улога во самите партии и нивните раководни органи. Покрај ова, се препорачува по изборите, политичките партии да дискутираат на заедничките прифатливи мерки во областите каде се преклопуваат, за поголема соработка во интерес на младите.

„Еден механизам за тоа може да биде интерпартискиот Клуб за младински прашања и политики во Собранието. Партиите треба да се погрижат младите да бидат застапени на листите, за избраните претставници да ги одразуваат различните групи во општеството и нивните потреби“, стои во анализата.