Колку млади ќе има на гласачките ливчиња на локалните избори [Инфографик]

Една четвртина од советниците кои ќе се најдат на кандидатските листи на локалните избори кои ќе се одржат на 17 октомври се млади лица на возраст од 18 до 29 години. Кај кандидатите за градоначалници оваа бројка е далеку помала и изнесува само 3% од вкупно 301 кандидати кои ќе ја бараат довербата од граѓаните за да ја предводат нивната општина во следните четири години.

Најмладиот кандидат за градоначалник на овие избори има само 21 година. Се работи за Теодора Димитровска која како кандидатка на Движењето „Одлучно за промени“ ќе се бори за најважната политичка функција во Општина Куманово. Во првите три најмлади кандидати за градоначалник се наоѓаат уште и Ангела Чагорска, која има 23 години и е кандидатка за градоначалничка на Општина Могила од партијата Македонија Ера Трета, како и 24-годишниот Стојан Николов од коалицијата предводена од СДСМ, кој ќе се натпреварува во Општина Росоман.

Меѓу носителите на листите за совет, најмлада е Васка Ристова, која има 19 години ја предводи листата на партијата Родина Македонија во Општина Конче. По 20 години имаат и носителите на советничките листи во Долнени, Муса Дуракоски, од Движењето за национално единство на Турците и Онур Имероски од Демократската партија на Турците во Македонија, како и носителката на советничката листа на ДПА во Општина Студеничани, Мевлане Ибраимовска.

Најмногу кандидати за советници на возраст од 18 до 29 години на овие избори имаат од коалицијата предводена од СДСМ, кои впрочем имаат и најголем број на кандидати за советници, а во Град Скопје, Куманово и Гостивар ќе се натпреваруваат најголем број на млади кандидати за општинските совети од сите локални самоуправи во Северна Македонија.

Повеќе информации на инфографикот во продолжение:

Даниел Евросимоски