Најголем дел од македонските општини со минимална отвореност на Буџетските процеси, покажа истражување на ЗМАИ

Само пет општини во Северна Македонија имале задоволително ниво на отвореност на буџетските процеси за 2021 година, покажува новиот Индекс на отвореност на општините за 2021 година кој го изработи Здружението за истражување и анализи – ЗМАИ.

Индексот на отворени општини (ИОО) е сеопфатен индикатор за оценување на општинскиот буџетски процес за една фискална година низ три димензии: 1) транспарентност, 2) вклученост и праведност и 3) отчетност. Истражувањето покажало дека најголемиот број на општини имаат минимална отвореност на буџетскиот процес.

„Резултатите покажуваат дека просечната вредност на ИОО за 2021 година е 32,4. Од друга страна, поставените стандарди за отвореност покажуваат дека општината мора да има индекс од барем 61 за да има задоволително ниво на отвореност. Вкупно пет општини (Карпош, Центар, Гевгелија, Битола и Валандово) имаат задоволително ниво на отвореност. Вкупно 16 општини имаат доволна отвореност на буџетскиот процес (вредност на ИОО меѓу 41 и 60). Најголем број од општините по бројност се општините со минимална отвореност (вкупно 41) на буџетскиот процес (вредност на ИОО меѓу 21 и 40). Сето ова посочува кон минимална отвореност на општинските буџети во 2021 кон граѓаните. Највисока вредност на ИОО за 2021 година има Карпош (73.46), додека најниска вредност има Арачиново (0)“, истакна Јована Аврамовска Николовска од ЗМАИ.

Заклучокот на истражувачите е дека најголемиот фактор за слабата отвореност на општините е недоволната вклученост и праведност кон граѓаните во буџетскиот процес. Разлики во нивоата на отвореност се појавуваат и кога општините ќе се поделат според населеното место на урбани и рурални, според географската локација и според димензијата низ која се разгледува отвореноста.

„Лани имавме две општини со оценка нула и се надевавме дека годинава ќе немаме општини со таква оценка, но, за жал, повторно имаме општина со таква оценка. За поздравување е тоа што за разлика од лани кога имаше само една општина со задоволително ниво на транспарентност и отчетност оваа година имаме пет. Она што треба да не загрижува е дека голем дел од оние општини коишто биле во делот на доволни оваа година преминуваат во минимална отчетност, транспарентност и вклученост, што значи дека ја влошиле нивната позиција“, вели Виктор Митевски, претседател на ЗМАИ.

Индексот за отвореност на општините за 2021 година пораснал за 1,4 во однос на претходната година, но, како што укажа Митевски, пред се` тоа се должи на растот кај вклученоста и правичноста и кај отчетноста, а има стагнација кај нивото на транспарентност. Тој очекува подобрување во таа насока, бидејќи со Законот за буџети, што беше донесен пред еден месец, се предвидува поголема транспарентност и обврска и за општините да ги објавуваат сите буџетски документи.

Митевски нагласи дека се јавува голем јаз во оглед на отвореноста помеѓу урбаните и руралните општини, односно со најголеми постигнувања најчесто се урбаните, а со мали руралните.

„За жал, сите механизми што се употребуваат во руралните средини не се формално покриени и граѓаните на нив не гледаат како системски механизам, туку кога ги презентираат нивните идеи тие се обраќаат директно кај градоначалникот, кај претседателот на Советот, кај официјални лица кои всушност понатаму треба да ја проследат до Советот, но бидејќи тоа не е соодветен механизам тие барања најчесто не завршуават во буџетите“, рече Митевски.

Вредноста на индексот за секоја општина во Северна Македонија се пресметува со користење на податоците собрани од Анкетата за отворени општини. Станува збор за детална анкета за процесот на општинскиот буџет за фискалната 2021 година. Прашањата го оценуваат и она што се случува во практиката и тоа што се бара со закон. Така, одговорите нудат оценка за транспарентноста, правичноста и отчетноста на една општина со тоа што не се гледаат само официјалните принципи во земјата, туку и следејќи ја општоприфатената добра практика за управување со јавните финансии.

Целосниот извештај може да го прочитате на следниот ЛИНК.