Богданци со најотворен, а Арачиново и Ранковце со најзатворен буџет, покажува Индексот за отворени општини

Само една општина, Богданци, има задоволителна отвореност на буџетот, додека најголем број од македонските локални самоуправи имаат минимална буџетска отвореност. Ова го покажува Индексот за отворени општини на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, во соработка со Меѓународниот центар за локална демократија во Шведска.

Индексот е сеопфатен индикатор за оценување на општинскиот буџетски процес за една фискална година низ три димензии: 1) транспарентност, 2) вклученост и правичност, и 3) отчетност. Резултатите покажуваат дека просечната вредност на ИОО за 2020 година е 31 (од максимум 100). Од друга страна, поставените стандарди за отвореност покажуваат дека општината треба да има вредност на индексот од барем 61 за да има задоволително ниво на отвореност. Единствено една општина, Богданци, има задоволително ниво на отвореност. Ниту една општина нема сеопфатно ниво на отвореност, а општините Арачиново и Ранковце имаат најниско ниво на отвореност, односно имаат индекс со вредност 0.

„Просечната оценка за димензијата транспарентност е 39, за вклученост и правичност е 16 и за отчетност е 38. Оттука, очигледно е дека еден од факторите за слабата отвореност на општините е ниското ниво на вклученост на граѓаните и правичност на донесените локални буџети. Во секој случај, резултатите насочуваат дека потребно е унапредување на отвореноста на буџетските процеси во сите димензии“, велат од ЗМАИ.

Доколку се разгледуваат одделно вкупно 12 општини имаат задоволително ниво на транспарентност на буџетскиот процес. Од друга страна има 24 општини кои постигнуваат доволна транспарентност на буџетскиот процес, кај 33 општини измерена е минимална транспарентност додека 12 општини покажуваат недоволна транспарентност на општинскиот буџетски процес.

72 општини (89% од сите општини) се оценети дека имаат недоволна или минимална вклученост и правичност во нивните буџетски процеси. Гледано врз основа на населено место, урбаните општини се малку подобро рангирани. Имено, 25% од урбаните (11) општини се оценети со минимална, додека 61% од нив дека имаат недоволна вклученост и правичност. Од друга страна, дури 84% (31) од руралните општини имаат недоволна вклученост и правичност на буџетските процеси, а само 8% (3) имаат минимална. Притоа, ниедна општина нема сеопфатна вклученост и правичност, додека од 9-те општини кои имаат доволна или задоволителна вклученост и правичност, дури 67% (6 општини) се урбани.

Оценето е дека 36 општини имаат доволна отчетност на општинските буџети. Од нив 22 општини се урбани, а 14 се рурални. Слична е распределбата и кај пониските категории во однос на населеното место, каде што 39 општини (48% од сите општини) се оценети дека имаат минимална или недоволна отчетност. Од друга страна, кај повисоките категориите овој процент е значително повисок кај урбаните општини. Имено, иако ниедна општина не е оценета со целосна отчетност, од 6-те општини кои имаат задоволителна отчетност, дури 5 (83%) од нив се урбани.

„Недоволната отвореност на општините придонесува за зголемена неефикасност на локалната самоуправа при давање на јавните услуги кон граѓаните. Оттука, во наредните години неопходно е значително да се унапреди отвореноста на сите општини во државата, а индексот на отворени општини ќе продолжи обезбедува фер натпревар помеѓу општините кој на долг рок ќе придонесе за сеопфатно отворање на буџетскиот процес на општините кон граѓаните“, потенцираат од ЗМАИ.

Публикацијата во целост може да се погледне на следниов ЛИНК.