Охрид со најголема, Пласница со најмала транспарентност покажува новиот Индекс на отвореност на општините за 2021

Повеќето општини не ги задоволуваат стандардите за отвореност, покажува новиот Индекс на отвореност на општините за 2021 на Фондацијата „Метаморфозис“.

Истражувањето за 2021 година покажало дека единиците на локалната самоуправа применуваат ниски стандарди за консултации, транспарентност, мониторинг и контрола во нивното работење. Просечната отвореност на општините за 2021 година изнесува ниски 25%.

Индексот на отвореност покажа дека во мерењето за 2021 година најдобри резултати имаат општините Охрид (51%), Василево (48%) и Кочани (48%), додека најниско е рангирана општината Пласница (3%). Проценката е резултат на спроведено истражување засновано врз Индексот на отвореност.

Фото: Истражување – Проценка на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република
Северна Македонија преку Индексот на отвореност – Мерење за 2021 година

Јасминка Поповска претставник од Локалната агенција за развој – Струга, партнер на Фондацијата Метаморфозис во мерењето на Индексот, се осврна на искуството со дел од општините кои беа мониторирани од страна на организацијата.

“Добар дел од веб страниците се нефункционални, некои веб страници се тешко пребарливи, кај други пак воопшто не работи копчето за брзо пребарување. Често поставените документи се во несоодветен документ, и не се пребарливи. Едноставно, ако сакаме да го видиме буџетот на училиштето во кое учи нашето дете, едноставно не можеме. Како ние, како граѓани, да дојдеме до информациите што ни требаат од општините? На пример, кој е распоред на подигање на смет во рамки на општината? Сепак, позитивно е тоа што кај вработените во администрацијата има голем интерес за работа, и голем дел од пропустите се направени од не знаење. Во иднина, треба да се посвети многу внимание на едукација на вработените во општините“, рече Поповска.

Претставникот на Фондација за развој на локалната заедница од Штип, Борис Шарковски, зборуваше за сличностите и разликите помеѓу урбаните и руралните општини, со помал број жители, и како тоа влијае врз самата отвореност и транспарентност на општината.

„Општините треба посериозно да ја сфатат важноста на транспарентноста во интерес на граѓаните. Се надеваме дека и со новите креатори на политики кои беа избрани на последните локални избори ќе оствари блиска соработка и партнерство повторно, во интерес на граѓаните и со цел подобрување на услугите кои општините ги нудат кон нив“, изјави тој.

Марија Василевска, програмски менаџер во Центар за социјални иновации Блинк 42/21 од Скопје, зборуваше за неочекуваните предизвици и резултати со кои се соочи истражувачкиот тим во текот на мерењето, како и достапноста и отвореноста на општинските администрации кон ваквите истражувања на состојбата, гледано од аспект на граѓанските организации.

„Граѓанските организации и општините треба партнерски да работат на отвореноста и транспарентноста. Одличната можност тоа да се постигне е преку мЗаедница која овозможува лесна комуникација помеѓу општините и граѓаните и дигитализација на дел од услугите. Клучно е да разбереме дека сите целиме кон подобра заедница“, изјави Василевска.

Препораките од истражувањето ќе бидат пренесени до сите претставници на локалните самоуправи кои беа предмет на мониторинг, преку состаноци, како и до пошироката јавност преку социјалните медиуми и одржување на јавни настани.

Истражувањето се повторува на годишно ниво и овозможува да се спореди степенот до кој ќе се постапува според овие препораки. Оваа проценка е достапна на македонски, албански и англиски јазик на веб-страницата на Метаморфозис.

Ова истражување е спроведено како дел од активностите на Метаморфозис во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.