Топ 10 неисполнети ветувања од локалните избори 2017

Од печатниците веќе излегуваат свежите програми на кандидатите за градоначалници со кои во следните три недели ќе ја бараат довербата од граѓаните на локалните избори кои ќе се одржат на 17-ти октомври.

Но, пред да видиме што ќе се ветува за следните четири години, ние направивме едно мало скенирање на изборните програми од претходните локални избори во 2017 година. Издвоивме десет најголеми ветувања поврзани со младите, културата и екологијата кои не беа исполнети во изминатиов мандат и побаравме одговори од градоначалниците и општините зошто не го реализирале тој дел од нивната програма.

Од базени, тобогани и голф терени, преку паркови, младински и културни центри… Некои ветувања беа преграндиозни, а некои преоптимистички или со нереални рокови. Во продолжение погледнете го нашиот избор на десетте најголеми неисполнети ветувања од локалната власт за периодот 2017-2021.

Во програмата на актуелниот градоначалник на Општина Новаци, Љубе Кузманоски и советничката листа на СДСМ, ветен беше аква-парк со базени за деца и возрасни, тобогани, ресторани… Проектот кој требаше да биде завршен до 2020 година никогаш не бил ни започнат.

На нашето прашање до Општина Новаци добивме одговор дека аква-паркот не е изграден поради финансиски потешкотии на општината, кои дополнително се влошиле со пандемијата на Ковид-19.

„Меѓутоа за овој проект е обезбедена проектна документација и обезбедена локација и истиот ќе се започне да се реализира во текот на 2022 година, затоа што е предвиден и во програмата за овие локални избори на актуелниот градоначалник“, наведуваат од Општината.

„Општина Струмица ќе обезбеди кино сала која се појави како неминовна потреба за збогатување на културниот и социјалниот живот на младите“, стои во делот посветен на културата во програмата на градоначалникот Коста Јаневски и советничката листа на СДСМ.

Од Општината ни одговорија дека и покрај напорите на градоначалникот, сепак, Струмица и понатаму нема кино.

„Најнапред се направи обид објектот каде што беше старото кино да се стави во функција, но поради постапки од имотно-правен карактер, кои со години се без правно формална завршница, оваа идеја отпадна. Потоа новиот обид беше преку соработка со „Синеплекс Скопје Сити“ за отворање кино сали и тоа во неколку градови во државата, но според нивните истакнати барања, не се најде соодветен простор. Додека течеа овие разговори се соочивме со пандемијата од Ковид-19, која во целост ги промени плановите и динамиката на работа“, стои во одговорот кој го добивме од Општина Струмица.

Во програмата на градоначалникот на Општина Петровец, Борче Митевски од ВМРО-ДПМНЕ како прво ветување во поглавјето посветено на културата стои изградба на културен дом и библиотека во населеното место Петровец, и тоа со прилично оптимистички рок, дека овој објект ќе биде целосно готов за помалку од една година.

Четири години подоцна било каква информација за најава за изградба на овој објект, за кој во програмата биле планирани 15 милиони денари, не може да се најде ниту на интернет страната на општината, ниту пак при пребарување низ медиумите. Она што Општината во април оваа година започнала e проект за реконструкција на културниот дом во село Сушица, но тоа е сосема друг проект од изборната програма, кој исто така требало да биде завршен многу порано, до септември 2018 година.

Од Општина Петровец не ни одговорија на нашето прашање зошто овој проект не е реализиран во предвидениот рок.

Забележавме дека во голем број од изборните програми на актуелните градоначалници фигурираат ветувања за изградба на младински центри. Од општините каде што ги забележавме ваквите проекти никој од нив нема изградено посебен младински центар, туку дел од нив прилагодиле други објекти да послужат како младински центар.

Во Чаир, на пример, во изборната програма на градоначалникот од редовите на ДУИ, Висар Ганиу, стои симпатична илустрација на тоа како би требало да изгледа младинскиот центар во општината. Вакво нешто, сепак, не е изградено, а според нашите информации Општината прилагодила друг објект во кој е сместен младинскиот центар. Од Општината не одговорија на нашето прашање до каде е проектот ветен во изборната програма.

Во изборната програма на претходниот градоначалник на Општина Охрид, Јован Стојановски, пак, стои ветување за изградба на младински центар. Иако ваков центар уште не функционира, од Општината добивме одговор дека Советот донел одлука со која отстапиле простории сопственост на Општина Охрид во рамки на старата касарна во кои ќе биде сместен младинскиот центар.

„Просториите се комплетно реновирани и ги задоволуваат сите инфраструктурни потреби за младинскиот центар а трошоците за комуналии ќе бидат на товар на општина Охрид. Агенцијата за млади и спорт има обврска просториите да ги опреми. Подготвен е правилник за начинот на управување со младинскиот центар како и јавен повик за младинска организација која ќе раководи и координира со младинскиот центар Охрид. Поради распишување на локалните избори, а сè со цел да не се влијае во изборниот процес, јавниот повик ќе биде објавен по завршување на локалните избори. Очекуваме Младинскиот центар Охрид да биде целосно ставен во функција до крајот на оваа година“, додаваат од Општината.

Во програмата на градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски и советниците од редовите на СДСМ, пак, има ветување за формирање младински инфоцентар, во кое би имало електронска библиотека, збирка на закони и други документи за млади, а би работел и едукациски тим кој би им помагал во развојот. Дека таков центар профункционирал не успеавме да најдеме на веб-сајтот на Општината, а од таму не одговорија на нашето прашање.

Во програмата на градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски, и советниците на СДСМ, ветена е изградба на младински културен центар, со рок на реализација меѓу 2018 и 2019. Од Општината нè информираа дека обезбедиле простор кој е во сопственост на општината, и во соработка со Извиднички одред „Гоце Делчев” – Свети Николе извршиле реконструкција, адаптација и опремување на просторот, но тој сепак уште не е во функција.

„Општина Свети Николе во овој проект има вложено околу 20.000 евра и истиот е функционален со намена за користење на истиот од младите и НВО секторот од општината. Поради пандемијата овој проект не е официјално пуштен во употреба, бидејќи истиот треба да служи како место за дружба на младите, за оддржување на работилници, семинари и слично“, стои во нивниот одговор.

Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, и советничката група на СДСМ пред четири години ветија реорганизирање и реконструкција на постојниот мултикултурен центар и формирање на граѓански младински центар со рок на реализација до 2018 година. Од Општината ни одговорија дека реконструкцијата завршила во 2020 година, но објектот сè уште не е ставен во функција.

„Мултикултурниот центар располага со сала со капацитет од 120 седишта распоредени во гледалиште и на балкон, Туристички инфо-центар; шест простории за младински и граѓански организации, мала сала и изложбен простор. Со овој проект на граѓаните на Кочани им е обезбеден простор од 550 квадратни метри. Општина Кочани од својот буџет продолжува да го финансира внатрешното опремување на Мултикултурниот центар и воспоставување систем за греење и ладење, за што се распишани јавни набавки. Објектот ќе биде ставен во функција по целосното уредување“, стои во нивниот одговор.

Ветување за отворање младински културен центар има и во програмата на Звонко Пекевски, градоначалникот на Општина Берово, заедно со советничката група од СДСМ. Проектот беше предвидено да се спроведе преку реновирање на зградата на кино салата во центарот на градот, со рок до 2020 година. Од Општината ни одговорија дека за проектот за изградба на мултифункционален културен центар досега обезбедиле техничка документација со поддршка на УНДП.

„Со оглед на големата финансиска конструкција по проектна документација, истата е направена по фази и во периодот што следи очекуваме дека ќе се пристапи кон реализација на првата фаза од проектот“, ни одговорија од Општина Берово.

Целосно нов културен центар од 3.000 метри квадратни, како место каде ќе се спојат сите елементи на ромската култура, беше едно од главните ветувања во програмата на градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, заедно со советниците од СДСМ. Според најавите овој објект требаше да има и голема сцена со 500 седишта каде што фолклорните друштва, аматерските театри, ромскиот хор и поетите Роми ќе можат да ги промовираат своите дела. Рокот за изградба на центарот, прилично оптимистички, беше до 2019 година.

На интернет страницата на Општината, ниту пак по медиумите, не може да се најде никаква информација ниту за започнување на ваков проект, а не пак за целосно комплетирање на културен центар.

Од Општина Шуто Оризари не добивме одговор на нашето прашање до каде е реализацијата на ова изборно ветување.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски и советничката листа на СДСМ пред изборите 2017 година ветија формирање театарско кабаре во Домот на културата во општината, како и оспособување на Домот во киносала за филмски проекции.

Рокот за реализација на овој проект требаше да биде до крајот на 2020 година, но нашето интернет пребарување не успеа да најде никаква информација за новоформиран театар или кино во Ѓорче Петров. Од Општината не одговорија на нашето прашање за повеќе информации околу ова изборно ветување.

Градоначалникот Сашо Поцков и советниците од СДСМ во програмата од 2017 ветија мултимедијален културен центар кој ќе биде сместен во просториите на Пионерскиот дом и ќе биде ново место во градот кој ќе ги спои Домот на култура, Работничкиот универзитет и библиотеката. Културниот центар беше предвидено да биде современ објект кој би послужил за разни потреби од културниот, образовниот и забавниот живот. За негово создавање беше предвидено комплетна санација и преуредување на Пионерскиот дом, а ветени беа и набавка на светлосен парк, озвучување, кино опрема за посебната просторија за кино-проекции.

Иако рокот за реализацијата на овој проект беше до годинава, нашето пребарување не најде никакви информации дека овој проект започнал да се реализира и дека ќе биде завршен набрзо. Единствена информација во врска со овој проект последнава година може да се најде во едно соопштение на веб-сајтот на Општината, каде е наведено дека во 2021 година приоритет ќе се стави на профункционирање на мултимедијалниот културен центар.

Од Општина Гевгелија не одговорија на нашето прашање за тоа до каде е реализацијата на ова изборно ветување.

Нов парк покрај Вардар беше предвидено да се изгради во изборната програма на градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, заедно со советничката група од СДСМ. Дополнително во програмата на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, беше ветено дека покрај паркот ќе биде направена и првата ботаничка градина во Северна Македонија.

Со проектот требаше да биде надоместено урбаното зеленило меѓу зградите од оваа скопска општина, а паркот требаше да понуди простор за рекреација на граѓаните.

Иако рокот за изградба на паркот беше до 2020 година, ова ветување не е реализирано. Теренот каде што треба да се наоѓа паркот пред некоја година беше израмнет и исчистен од ѓубрето кое се таложеше таму, но оттогаш на локацијата нема никакви градежни активности и местото е обраснато со треви и растенија и непристапно за граѓаните.

Вака во моментов изгледа локацијата каде градоначалниците на Карпош и Град Скопје ветија парк со ботаничка градина

Од Град Скопје, во нивниот одговор, велат дека овој проект е во нивните планови, но поради пандемијата со Ковид-19 нивните приоритети се промениле изминатиот период.

„Изградбата на новиот парк покрај кејот на реката Вардар спроти Карпош 4 е голем проект, за чија реализација е потребно многу време. На терен со месеци се вршеше чистење на повеќедеценискиот смет и депонии создадени на оваа локација, каде јавните градски претпријатија работеа со тешка механизација. Потоа, беше распишан конкурсот за идејни проекти за изгледот на новиот парк, каде пристигнаа 19 идејни решенија, а мешовитата комисија на Град Скопје и Општина Карпош издвои четири од нив како најкреативни, иако ниеден од трудовите не ја доби првата награда. Четирите наградени трудови (две втори и две трети награди) се издвојуваа по одличните решенија за создавање на ново шеталиште на кејот во Карпош, градски шумски појаси во делови на паркот, цветни алеи, урбана опрема која одговара на просторниот контекст, како и отворени сцени и други програмски содржини. Реализацијата на паркот, како и на ботаничката градина се во план, но поради светската пандемија со корона вирусот, приоритетите на Градот се поинакви изминативе 2 години, па оттаму и понатамошните активности за овој проект се забавени“, стои во одговорот од Град Скопје.

Од Општина Карпош не одговорија на нашите прашања до каде е реализацијата на ова нивно изборно ветување.

Градоначалникот на Општина Зелениково, Борче Гиевски, заедно со советниците од СДСМ пред изборите во 2017 година ветија дека во нивниот мандат ќе биде изграден голф терен со сите пропратни содржини за ваков вид спортска активност. Во програмата пишува дека проектот веќе десетина години е подготвен и актуелен и дека за него постоело интерес кај странски инвеститори.

Не успеавме да најдеме никаква информација дека претходниве четири години воопшто започнала некаква реализација на овој ветен голф терен. Последна информација на која што наидовме е дека во мај 2018 година во Општината последен пат се обидела  да најде инвеститор за изградба спортско рекреативен центар со голф терен преку јавно приватно партнерство.

Од Општината не ни испратија никаков одговор на нашето прашање за проектот.

На првото место на нереализираните ветувања се најде кулата за прочистување на воздухот која ја вети градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, заедно со советничката листа од СДСМ. Во нивната изборна програма овој проект беше најавен како еден сегмент од справувањето со аерозагадувањето во центарот на главниот град на Северна Македонија.

Ваква кула никогаш не беше започната да се гради во Општина Центар, а локалните власти не одговорија на нашите прашања зошто овој проект не е реализиран во предвидениот рок.

*Првичниот текст е изменет со додавање на одговорот од Град Скопје кој пристигна до нашата редакција по објавувањето на сторијата.

Даниел Евросимоски