Општината која има толку многу иселени што не може да избере градоначалник

Жителите на Општина Центар Жупа за речиси една недела, по трет пат ќе се обидат да изберат градоначалник. Предизборни плакати не можат да се забележат никаде во истоименото село, а нема ни промотивни активности или материјали во пресрет на изборите. Претходните обиди за избор на градоначалник беа безуспешни, бидејќи на избори не излегуваше да гласа ниту една третина од регистрираните гласачи, во Општината каде печалбарството е тренд, а бројот на население е речиси преполовено последниве две децении.

Аријан Ибраим е името на единствениот кандидат за градоначалник на Општина Центар Жупа, кој доаѓа од редовите на Демократската партија на Турците на Македонија. Тој на 20 август ќе се обиде и официјално да ја добие титулата градоначалник. Ибраим досега беше повереник за надлежностите на градоначалник, откако во два наврати, гласачите од Општината не излегоа во доволен број за да биде постигнат цензусот од две третини, или попрецизно 33.3% од регистрираните гласачите.

Во селото можат да се видат единствено избледени предизборни плакати за последните парламентарни избори / фото: Радио МОФ

Вкупниот број на гласачи запишани во избирачкиот список на општината е 7.154, бројка речиси двојно поголема од целокупното население според последниот попис.

Во конкуренција на Ибраим, претходно беше и Шаин Шаќир од партијата Движење за национално единство на Турците, кој на овие повторени трети избори не се кандидираше.

Гурбетчиите доаѓаат во август, а потоа е штама 

Деновиве селото Центар Жупа, кое е центар на истоимената Општина е раздвижено. Бројни автомобили со странски таблички, претежно италијански, можат да се забележат по улиците. Август, според мештаните, е сезоната на печалбари кои обично доаѓаат во родното место и престојуваат во текот на целиот месец.

Во угостителските објекти во самиот центар на селото, на пладне речиси и не може да се најде место, па таму каде што има слободно столче, седнуваат други мештани кои се знаат помеѓу себе. Муабети на турски, македонски и албански се преплетуваат ширум главната улица. Расположени се да муабетат како е да се живее во Општината и како изгледа животот во текот на целата година, надвор од печалбарската сезона, но не сакаат да зборуваат јавно. Преку ден почесто се среќаваат постари, а поретко помладите луѓе.

На самиот влез од селото, од страната на Дебар, во просторија на една куќа каде е сместен и штаб на политичка партија е сместена играчница. „Плејстејшн“, автомобилски симулатори, пикадо, но и машина за кафе, ова е единствениот простор во селото каде младите можат да „свртат“ по некоја игра и да се подружат. Пред влезот го сретнавме и Енис Неџиповски, заедно со неговиот братучед кој ја „држи“ играчницата. За разлика од порано, вели дека сега се помалку млади доаѓаат во играчницата.

„Имаше (порано н.з.) во август, кога доаѓаа младите, бидејќи немаа каде да одат. По свадби или слично, бидејќи им здосадија и седеа тука. Сега и тука е намалено, бидејќи младите веќе си бараат да одат, да шетаат во Охрид, Струга, Дебар. И со мобилниве телефони, си се зафатени самите“, објаснува Неџиповски.

Надвор од сезоната на печалбари, во селото животот е многу мирен, тивок, пензионерски, вели Неџиповски. „Повторно си се обединуваме оние кои што сме претходно тука“, додава тој.

„Кој ќе оди на работа… денот повторно монотоно, се е исто, само некогаш ако организираме некој мал фудбал, значи тие што сме тука, во кафана, муабети…“, вели тој.

Но, во август е поинаку и секој ден почнува многу рано, објаснува тој, бидејќи се закажани свадби, се оди по невестата и се одржуваат традициите од рано наутро.

Свадбарски колони можат да се забележат и додека се патува низ овој регион. Дефиле на свадбари, придружено со автомобили зад нив, прошета кон долниот дел на селото, заземајќи половина од патот. Наеднаш сите очи од кафулињата во близина се вперија во поворката, а позади нив полека лазат автомобилите, каде на еден од нив, на шофершајбната се означени имињата Махо и Лина, со срце помеѓу нив.

Неколку часа подоцна, и целосна, кратка блокада на улицата. Овој пат, за да се сврти по некое оро за успешниот сунет.

Неџиповски вели дека свадбите и на печалбарите и на жителите најчесто се одржуваат во август, со цел сите заедно да присуствуваат на прославите.

Финансиската сигурност главен мотив „за надвор“

Земјоделството е главното занимање на селаните во Центар Жупа, но има и луѓе кои работат административни работи, во општината, полицијата, хидроелектраната „Шпилје“ и фабриката „Кнауф“ во Дебар, објаснува младиот Неџиповски.

„Зависи како се снајдени“, додава.

Запрашан како би го опишал животот тука, вели дека се работи за мирно место, каде со години се чувствува дека повеќето луѓе гледаат иднина во печалбарството.

„И еве, во последните 10 години, повеќе од половина се иселени, значи околу 20% ако се останати, повеќе старите или оние фамилии кои се снајдени тука да живеат. Поретко, многу веќе се намалува интересот за земјоделство, бидејќи треба на пример, машинерија, работна сила и немаат интерес како на пример другите, па и затоа и тие си се повлекуваат. Можам за земјоделство да кажам дека поголем дел се оние што работаат со овци, тие што имаат, што работаат на големо, само тие се останати, но и тие се намалија […] Повеќе пченка, мал дел пченица, само тоа, и повеќе со стока, и на пример, компир, домат, краставица, но веќе се намали тој дел, само за свои потреби, не за продавање. Поголем дел само за свои потреби гo работаат земјоделството, не за продавање или за стока. Тоа се чувствува уште кога пред 10 години кога се продавала стоката, колку стока се продавала, сега колку“, објаснува Неџиповски.

Земјоделец со мал трактор поминува низ центарот на селото / фото: Радио МОФ

Финансиската сигурност, но не од денес за утре, или за една година, е тоа што на младите им фали во Центар Жупа.

„Тоа е прво, дали сме ние загарантирани тука, како сигурно по 10 години, дали имаме алтернатива за некое работно место или слично, и бидејќи секоја година по година се намалува (населението н.з.), дали имаме можеби некое хоби или слично, што можеме ние, и нашите пари каде да ги потрошиме, значи не само една монотоност“, вели Неџиповски.

Сите луѓе што живеат во Жупа, чекаат да им се укаже шанса и да одат во странство, смета тој. Најголемата разлика во бројот на населението, Неџиповски вели дека се случила во периодот од 2015 до 2018 година, кога дел од европските земји како Германија и Италија имаа потреба од работна сила, а поголем дел од населението тогаш „увиде шанса да оди во странство“.

„Секогаш си одат по еден, двајца, пет, но кога имаше услови најмногу за Германија на пример да направат работна виза, тогаш да речеме, 50 души или слично отидоа“, вели тој.

„Не сум во странство бидејќи уште не сум снајден“

Населението во општината во период од 20 години е речиси преполовено. Ако во 2002 година во општината живееле 6.519 жители, нивниот број сега е 3.720, што претставува намалување од 43 отсто.

Најголемата демографска разлика е во возраста на населението, односно сега во општината живеат 62% помалку деца од 0 до 14 години, или 61% во возрасната група од 15 до 29 години. Во меѓувреме, за дури 65% е зголемен бројот на лица над 65 години.

Неџиповски е дипломиран машински инженер, а егзистенцијата ја обезбедува работејќи како професор по физика, хемија и германски јазик, со цел да го пополни курсот од околу 20 часа. Во Центар Жупа, вели нема каде да работи по струката, а иако има работа во „Шпилје“ и „Кнауф“, вели дека патот до таму е подолг.

„Не сум во странство бидејќи уште не сум снајден за во странство да одам“, вели тој. Дециден е дека апсолутно би си заминал, доколку му се укаже шанса.

„Сакам да работам по својата струка, за да одам во други градови, би одел во Македонија, значи учев во Скопје, но сега си имам и своја фамилија, што не можам да ја понесам со мене и ќе треба да живеам повторно разделен, и затоа, бидејќи голем дел од фамилијата моја е во странство, затоа и јас сакам да одам во странство, за да бидеме поблиски“, објаснува Неџиповски.

Околу 150 до 200 ученици, според Неџиповски учат во основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“, каде се учи на три јазици – македонски, турски и албански. Со трендот на иселување, училишните клупи во основното и средното училиште во Центар Жупа полека се празнат.

Неџиповски вели дека бројот на ученици нагло се намалил поради иселувањето. Ова предизвикало минатата година да не може да се формира паралелка во деветто одделение која ќе учи на македонски јазик. Сега, вели има, но има максимално до тројца ученици.

„Предавам и во село Броштица, таму има да речеме максимум до 5-6 ученици во клас, и тие таму си гледаат шанса во странство. Си има во секое одделение, од прво до деветто, во секој клас максимум до 5-6 ученици. Повеќе одат на турска настава, таму може да се сретнат и до 15 ученици, од 10 до 15“, вели Неџиповски.

Истовремено тој додава дека во гимназијата има малку повеќе ученици, бидејќи тука доаѓаат да учат и од основните училишта во соседните села, но и таму бројката не е превисока.

„Повеќе одат за Струга, Гостивар, повеќе поради стручно, има и Гостивар што одат, мал број Скопје, поради поквалитетно образование, но остануваат и тука, си имаат работа на пример, имаат ученици, се надеваме дека ќе има секогаш за работа“, вели Неџиповски.

Дворовите на двете училишта генерално зјаеа празни. На вратите пак, сè уште не беа истакнати формалните информации од Државната изборна комисија (ДИК), каде што се наоѓаат пет гласачки места за жителите на општината.

За последните локални избори, Неџиповски вели „се знаеше дека ќе нема цензус“. Но, додава дека се очекувало бројот на гласачи кој е потребен за да се избере градоначалник дека ќе се „донесе“ или дека ќе биде надополнет со гласачи кои ќе дојдат од странство.

Во тој период беше и одбележувањето на верскиот празник Рамазан Бајрам, кој според Неџиповски е една од причините зошто не беше постигнат цензусот, додека другата била тоа што немало услови да дојдат печалбарите, без разлика што, како што вели, бил организиран превозот.

„Се надеваме во август, можеби, еве да речеме голем процент, дека ќе бидат успешни“, смета младиот професор.

Печалбарската сезона полека завршува, а регистрираните гласачи во општината имаат трета шанса, на 20 август да ја пополнат празнината од 239 гласови кои фалеа за цензус на минатите избори и конечно и формално да изберат градоначалник на чело на нивната општина.

Мартин Колоски

Инфографик: Даниел Евросимоски