Даштевски: Успешен и мирен гласачки ден со изолирани инциденти

Гласањето заврши во речиси сите избирачки места низ државата. Според податоците на Државната изборна комисија, заклучно до 18:30 часот, излезноста на вториот круг на локалните избори изнесува 48,88 проценти, а на гласање излегле вкупно 558 .943 граѓани.

Најголема излезност бележи Вевчани – 81,2 проценти, потоа во Росоман – 80,81 процент  и Демир Капија – 80,37 проценти, додека во останатите општини излезноста е под 78 проценти. Најмала излезност има во Сарај – 28,12 проценти, соопшти претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.

„Сметам дека сите се уверивме дека имавме успешен и мирен гласачки ден, со изолиран број на инциденти, кои не се организирани“, оцени тој.

Гласањето во меѓувреме продолжи во Центар на избирачко место – 2867/1 за два часа и 55 минути , во избирачкото место 2831 – два часа 55 минути и во избирачкото место 2815 два часа и 55 минути. Во Сарај гласањето продолжи на избирачкото место 2433 – два часа и 45 минути, на гласачкото место 2435 – два часа и 45 минути, на гласачко место 2438 два часа.

Во Карпош, пак, гласањето продолжи на избирачкото место 2652 – два часа и 30 минути, во Чешиново – Облешево на гласачко место 0887 – еден час и 11 минути, во Зелениково на гласачко место 2373 – два часа и 15 минути, во Пробиштип на избирачко место 1566/1 еден час и 55 минути и избирачко место 1572 два часа.

Во Долнени гласањето продолжи на избирачкото место 1471 еден час и 30 минути.

До Државната изборна комисија досега пристегнале 739 приговори, од кои 642 се прифатени, 45 одбиени и за 52 гласачи кои ги поднеле е констатирано дека се во избирачки список.

„Мал број пријави и известувања за нерегуларности на изборниот процес“

Според Џељаљ Бајрами, претседател на Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани соизборите и гласањето, изборниот ден во вториот круг од локалните избори поминал со релативо мал број пријави и известувања за нерегуларности на изборниот процес.

„По сите пријави се оформени предмети и итно се постапува“, изјави Бајрами.

На подрачјето на Основното јавно обвинителство Скопје оформен е предмет за настан пријавен вчера во МВР БЈБ ОКП Сектор за економски криминал и корупција како кривично дело – Поткуп при избори и гласање од член 162 од Кривичниот законик во општина Шуто Оризари. Од обвинителството информираат дека предистражната постапка трае до обезбедување на доказите, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

Основното јавно обвинителство Кочани постапува по повеќе пријави од две политички партии дека различни лица вршат притисоци, влијание и агитирање врз гласачи како да се изјаснат. За сите поднесени пријави оформени се предмети и дадени се наредби и насоки до ОВР Кочани за проверка на наводите. Доколку бидат обезбедени докази за кривично дело, обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности, информираат од обвинителството.

Во Основно јавно обвинителство Делчево, пак, денеска примиле една кривична пријава против едно лице за кривично дело „Поткуп при избори и гласање“ од член 162 од Кривичниот законик, по која е оформен предмет. Станува збор за настанот за кој веќе беше известено вчера, со наводи за поткуп во Македонска Каменица. Во предметот се постапува во предистражна постапка.

Покрај ова, во Основно јавно обивнителство Радовиш денеска е добиено усно известување дека едно лице кое требало да е во изолација поради контакт со позитивно лице од КОВИД 19, излегло на гласање. Дадени се насоки за проверување на наводите.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево бил известен дека гласач на едно гласачко место го фотографирал ливчето, додека на друго гласачко место еден гласач искинал гласачко ливче. Се постапува за утврдување на фактите.

До Комисијата, преку електронската адреса во текот на вчерашниот ден пристигнала една пријава од невладина организација, која се однесува на притисоци и закани упатени кон набљудувачи на изборите искажани преку коментари на социјална мрежа. Од Комисијата велат ги проверува наводите.

„Јавното обвинителство продолжува да го следи изборниот процес во целост и ќе постапува по сите сомненија за евентуално сторени кривични дела поврзани со локалните избори. Се уште останува активна и нашата електронска адреса izbori@jorm.mk, каде граѓаните можат да ги пријавуваат сите сомненија за кривични дела поврзани со изборите“, додаде Бајрами.​

Од Државната изборна комисија најавија дека следните официјални информации во врска со изборите ќе ги споделат околу полноќ.