Излезноста на изборите до 11 часот над 10% – некои гласачки места со мал прекин поради уредите за идентификација

Излезноста до 11 часот на локалните избори на кои се бираат градоначалници и членови на советите во 80 општини и Град Скопје изнесува 10.22%, односно досега гласале 135.906 гласачи, од вкупно обработените 73.1% од избирачките места, соопшти денеска портпаролката на Државната изборна комисија (ДИК) Љупка Гугучевска.

Најголема излезност до 11 часот има во Општина Новаци, односно 25.84%, Крива Паланка со 20.44%, Вевчани 18.61%, Лозово 17.51% и Кривогаштани со 17.43%, додека општина со најнизок процент на излезност е Врапчиште со 4.92%, посочи Гугучевска.

„Во однос на податоците за досегашниот тек на гласањето, сакаме да нагласиме дека до овој момент гласањето тече на сите избирачки места, на одреден број избирачки места имаше прекин досега и тоа поради лошо ракување со уредите за биометриска идентификација, лош квалитет на базата на отпечатоци, кои што проблеми се надминуваат во тек. Проблемите со лошо ракување, во комуникација со техничката служба овде во ДИК и техничките лица кои што се на терен избирачките одбори ги надминуваат“, рече Гугучевска.

Што се однесува на лошиот квалитет на базата на податоци, Гугучевска појасни дека на избирачките места најчест проблем е непрепознавањето на отпечатоците на гласачите во самиот уред.

„Она што во изборниот законик и во упатството на ДИК, и во останатите подзаконски акти е предвидено дека во таков случај постапката продолжува со скенирање на личниот документ на гласачот, во самиот скенер кој што е во склоп на уредот за биометриска идентификација на гласачите или со внесување на единствениот матичен број на гласачот. Значи таа е постапката која што следи доколку уредот не ги препознава отпечатоците на гласачите“, додаде таа.

Избирачките одбори од ДИК добиле инструкција редовно да го чистат скенерот каде што се остава отпечатокот, а истовремено гласачите да притиснат повеќе кога го оставаат својот отпечаток.

„Како инструкција за да се убрза самиот процес ја имаме издадено следнава, таа е според упатството на ДИК, два пати се обидува со отпечаток на прст гласачот на уредот, доколку не се наоѓа совпаѓање во тој случај избирачкиот одбор продолжува со скенирање на личниот документ или со внес на матичен број го пребарува гласачот“, рече портпаролката на ДИК.

На некои избирачки местаи мало технички проблеми со самите уреди, но, Гугучевска потенцираше дека ДИК на располагање има над 500 резервни уреди, и дека во тие гласачки места се извршени замени на уредите, по што следувало префрлање на податоците и продолжување на гласањето.

„Во неколку избирачки места поради неможност да се поправи или да се замени уредот за биометриска идентификација се продолжило и со стариот начин на гласање“, посочи таа.

На овие локални избори право на глас имаат 1.824.864 гласачи, на 3.480 гласачки места.