Изборниот молк ќе трае и по 19 часот, се додека не се затворат сите избирачки места – досега над 41% излезност

Изборниот молк ќе трае се додека се одржува гласањето, односно и по 19 часот, со цел да се овозможи да гласаат сите лица кои дошле пред објектите на гласање, извести на редовната прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски.

Исто така, тој посочи дека ДИК останува на претходно дадените насоки до избирачките одбори, и потенцираше дека гласањето на овие лица ќе трае се додека е потребно да му се овозможи правото на глас и на последниот гласач.

„Денеска попладне ДИК даде насоки до сите избирачки одбори како дополнителна мерка за намалување на гужвата и забрзување на процесот, по еден член на одборот да излезе надвор да ги упатува гласачите кои чекаат пред избирачките места и да се намали чекањето со тоа, значи да ги распоредува гласачите, затоа што рековме дека треба да се дозволи на секој да гласа“, рече Даштевски.

Во меѓувреме, Државната изборна комисија им сугерирала на избирачките одбори, проверката на отпечатоци на гласачите да ја прават најмногу два пати со цел да нема застој, а покрај тоа, и да се пуштат гласачи да се идентификуваат и пред да излезат оние кои веќе добиле ливче да гласаат.

„Сите овие насоки ДИК ги презема за граѓаните пократко да чекаат пред избирачките места за што на овие локални избори влијаеа следните околности, на локалните избори во сите општини има повеќе гласање, по две ливчиња и две кутии, а во десет општини во Скопје по четири, што го успорува процесот. Изводот од избирачкиот список има дупло повеќе страници што го успорува пребарувањето за потпис, затоа што една страна има по една колона, а не по две како до сега, а тоа е поради просторот кој е оставен за оставање отпечаток во списокот“, додаде тој.

Истовремено, претседателот на ДИК истакна дека повеќе од една четвртина од базата на отпечатоците што ја добиле била со слаб квалитет, што, како што посочи, исто така одзема време за проверка на гласачите.

Даштевски алармираше дека на некои избирачки места не се користеле уредите за биометриска идентификација, иако ДИК дозволила такво нешто во само 6 избирачки места.

„Добивме некои информации дека некои членови на избирачки одбори престанале да гласаат со уредите за биометриска идентификација на гласачите. Значи тоа се незаконски одлуки на тие лица и сугерираме да продолжат да гласаат со овие апарати, бидејќи во спротивно доколку не се гласа така, согласно измените во законот гласањето ќе мора да биде поништено, а овие лица ќе мора да бидат санкционирани бидејќи тоа го направиле без одлука на ДИК“, рече Даштевски.

Оттука, тој апелираше гласањето да продолжи со користење на апаратот со цел да не дојде до такви последици во дел од избирачките места.

Излезноста на територијата на целата држава до 17 часот изнесува 41.08%, од обработени 97.24% избирачки места. Според ова, досега гласале 729.980 граѓани.

Најголема излезност моментално има во Општина Новаци, каде излегле 69.76% од гласачите.