Се истражува пријава за 83 лица кои добиле оружје за попречување на изборите – излезноста досега над 20%

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска информираше дека утринава добилo известување од оперативниот штаб, доставено од Амбасадата на САД дека лице од политичка партија споделило информација дека 83 лица кои биле повеќекратно осудени сторители на кривични дела добиле огнено оружје со цел да го попречат изборниот процес.

Од ЈОРСМ додаваат дека добиле информација и за друго лице кое било познат сторител на кривични дела дека поседува оружје, односно дека на денот на гласањето ќе изврши кривични дела со кои ќе го загрози животот и телото на лица кои се членови на политичка партија.

„По приемот на известувањето преку МВР СВР Скопје се проверуваат наводите од пријавата и се преземаат оперативни мерки за проверка на лицата и разговор со подносителот на пријавата, а заради утврдување евентуални основи на сомнение за сторено кривично дело, за кое гонењето се презема по службена должност“, се додава во соопштението.

Во меѓувреме, обвинителството соопшти и дека добило пријава за непознати лица кои со две патнички моторни возила вршеле изборен поткуп во Топаана и Шуто Оризари

„Дадени се насоки СВР Скопје да преземе мерки за проверка на наводите од пријавата, проверка на лицата на кои што им бил понуден поткупот и утврдување на можен сторител на кривично дело „поткуп при избори и гласање“ од член 162 од Кривичниот законик“, се додава во соопштението.

Според податоците на веб-страницата на ДИК за локалните избори, излезноста до 13 часот изнесува 20.55%, односно досега гласале 348.695 лица.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски на последната прес-конференција соопшти дека на 11 избирачки места низ земјава имало прекин на еден час.

Со спреј и УВ лампа пак, по решение на ДИК се гласа на 6 избирачки места, додаде тој.

„На повеќе избирачки места се прави гужва, затоа што во училниците се пушта по еден човек. Ние веќе имаме упатство дадено до општинските избирачки комисии. Сега повторно ќе пратиме известување да се пуштат толку луѓе, колку што има кутии внатре за гласање. Значи на два метра е дистанцата, ама колку што има кутии толку се пуштаат, бидејќи сериозен проблем се појавува со создавање на гужви и знаеме дека во тој случај во согласност со законот сите што се наоѓаат пред местото за гласање треба да им се дозволи да гласаат, значи да е помал прекинот од еден час“, посочи тој.

Претходно од ДИК информираа дека на некои избирачки места имало прекин поради лошо ракување со уредите за биометриска идентификација и лош квалитет на базата на отпечатоци, но дека проблемите тековно се надминуваат.

Излезноста на изборите до 11 часот над 10% – некои гласачки места со мал прекин поради уредите за идентификација