ОДИХР: Изборите поминаа со почитување на основните слободи, останува загриженоста за правните недостатоци

Кандидатите на локалните избори можеа слободно да водат кампања и основните слободи беа широко почитувани, наведоа денеска меѓународните набљудувачи од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР).

Но, оттаму посочија дека бројните празнини во законот и законските измени направени близу до денот на изборите ја поткопале правната стабилност и дека најголемите парламентарни партии уживаат системски предности во распределбата на јавните ресурси за кампања.

Од ОБСЕ/ОДИХР се осврнаа и на биометриската идентификација на гласачите која се воведе за прв пат на овие избори. Тие велат дека иако ваквиот чекор бил генерално поздравен како мерка за спречување измама, на временската рамка за нејзина имплементација на национални ниво недостасувало пилот-проект или сеопфатно тестирање.

„На самиот ден на изборите, беа забележани чести проблеми со биометриските уреди за идентификација. Процесот на отворање и гласање беше позитивно оценет низ целата земја, но имаше проблеми како што се групно гласање, како и процедурални грешки при пребројување и сумирање“, се наведува во оценката на набљудувачите.

Во меѓувреме, тие истакнуваат дека и покрај тоа што измените на изборното законодавство уживале широка политичка поддршка, посочуваат дека биле усвоени само еден месец пред изборите без јавна дебата или консултација, што, како што додаваат, не е во согласност со меѓународната добра практика.

„Во исто време, изборната администрација ги запази повеќето законски рокови и направи напори да се прилагоди на неколку задоцнети измени. Сепак, нејзиниот капацитет и способност самостојно да ја извршува својата работа беа загрозени поради недостаток на постојан персонал и испразнети работни места на клучните позиции“, се додава во оценката.

Истовремено, тие потенцираа дека и покрај активната и генерално мирна изборна кампања, дебатите биле засенети од зголемено негативна реторика, која особено била насочена кон кандидатките.

„Родовата еднаквост и правата на жените во голема мера отсуствуваа од партиските кампањи, во кои жените исто така останаа недоволно застапени. Набљудувачите, исто така, забележаа изолирани случаи на заплашување на кандидатите, како и наводи за притисок врз кандидатите да се повлечат како и купување на гласови“, велат тие.

Инаку, претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски вечерва соопшти дека во општините Центар Жупа и Маврово ќе се повтори целата изборна постапка. Причината за тоа е што во двете општините не бил исполнет законски услов, односно на гласање не излегле една третина од запишаните гласачи.

Вториот круг за локалните избори треба да се одржи на 31 октомври.