Владата го распушти Советот на Општина Тетово – Собранието треба да распише вонредни избори

Владата на вчерашната седница донесе решение за распуштање на Советот на Општина Тетово.

Причината за тоа, од Владата посочуваат дека е исполнување на еден од условите во член 75 од Законот за локална самоуправа, според кој општинските совети ќе бидат распуштени, ако не ја донесат завршната сметка на Буџетот до 31 март, како што е предвидено со законската одредба.

„За ова решение, согласно законот, Владата ќе го извести Собранието на Република Северна Македонија по што ќе следува спроведување на постапката за организирање вонредни избори за Советот на Општина Тетово согласно законските одредби“, соопштија од Владата.

Независната советничка група Подобро за Тетово, вчера, пред седницата на Владата, реагираше дека тие го прекршиле рокот за одлучување дали советот ќе оди на вонредни избори, токму поради прекршување на законските рокови и за неусвојување на, како што велат, сомнителна завршна сметка.

Дополнително, тие сметаат дека секој чекор што ќе го преземе после ова Владата нема да може да носи никаква тежина.

Подобро за Тетово: Извршната власт го загуби правото да одлучува за Советот на Тетово