Тетово сака парк: Граѓаните од советниците очекуваат хуман животен простор

Иницијативата Тетово сака парк соопштува дека граѓаните без голем мотив и во мал обем одлучиле да изберат свои претставници во Советот на Општина Тетово. Вкупно 8.660 граѓани кои пред само 10 месеци бирале свои претставници, велат тие, овој пат се одлучиле да не гласаат.

„Вкупно 54.381 воопшто не гласале, со оглед на вкупниот број на избирачи 84.071. Граѓанинот се разочарува од отсуството на слух кај неговите претставници и игнорирањето на барањата“, велат од иницијативата.

Во вакви апокалиптични услови, посочуваат тие, избраните советници треба да сфатат дека укажана им е голема чест и од нив сепак се очекува, од една рака оправдување на довербата, а од друга –  причини зошто на следните избори луѓето да излезат и да поддржат некој кандидат, да видат дека гласот понекогаш носи промена.

„Времето минува брзо! Во пресрет на формирањето на коалиција која ќе има мнозинство јавно апелираме во преговорите сериозно место да се посвети на хуманизирањето на просторот, зазеленувањето на градот и формирањето на прв вистински градски парк. Иницијативата ‘Тетово сака парк’ им го честита мандатот на сите 31 избрани советници и им ја предочуваме нашата посветеност и отвореност за соработка во насока на задоволување на очекувањата на граѓаните за хуман животен простор, каков Тетово одамна не е!“, се вели во соопштението на иницијативата.