Ќе се подготви модел за национална линија за пријавување материјали со сексуална злоупотреба на деца

Подготовка на нацрт-модел за национална линија за пријавување материјали со сексуална злоупотреба на деца (CSAM) е еден од главните заклучоци од настанот што се одржа во Собранието по повод Светскиот ден за спречување и заздравување од сексуална експлоатација, злоупотреба и насилство врз децата. Нацрт-моделот ќе биде доставен до надлежните институции.

Настанот се одржа во рамки на проектот „Безбеден интернет за деца и млади“, кој го спроведува Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ во партнерство со ИМПЕТУС. Целта на проектот е да се воспостави национален систем за заштита на децата и младите во дигиталната средина преку унапредување на постојните механизми за помош, советување и пријавување штетни и незаконски содржини на интернет.

Пратеничката и претседателка на Клубот на жени пратенички, Јованка Тренчевска, на отворањето ја нагласи потребата од поголема јавна свест за сексуалната злоупотреба на деца. Таа се осврна и на Предлог-законот за заштита на малолетните лица при користење дигитални услуги и социјални мрежи, кој е во собраниска процедура.

Гонце Јаковлеска од Цивика мобилитас посочи дека постојните истражувања ја покажуваат сериозноста на проблемот и дека дијалогот треба да доведе до конкретни механизми за заштита. Претседателката на ИМПЕТУС, Лилјана Пецова Илиеска, како пречки ги издвои сложените процедури за пријавување на дигиталните платформи и недоволната информираност за достапните механизми. Таа посочи дека граѓаните можат да се обратат до организацијата за совет и насоки за понатамошно постапување.

Поголема доверба во линиите за помош и подобра координација меѓу институциите

Директорот на „Меѓаши“, Драги Змијанац, ја нагласи потребата од зајакнување на платформата „Ало Бушавко“ и линијата 116 111, преку кои децата и младите можат да пријават различни форми на насилство и да добијат поддршка. Тој посочи дека младите треба да знаат каде можат да се обратат и да имаат доверба во службите што ги примаат пријавите.

Клои Комсток од меѓународната мрежа INHOPE во онлајн презентација објасни како функционираат линиите за пријавување незаконски содржини и каква улога има меѓународната соработка. Во дискусијата беа разгледани надлежностите на Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и институциите за заштита на децата по приемот на пријавата. Од судска перспектива беше нагласено значењето на навременото пријавување и зачувувањето на доказите.

Меѓу заклучоците од настанот се и специјализирани обуки за институциите и стручните служби, подобра координација со граѓанските организации и поголема информираност на децата за достапната поддршка. Учесниците ја истакнаа и потребата стручните служби во училиштата подобро да ги препознаваат случаите на насилство и злоупотреба и соодветно да постапуваат.