Младата пејачка Марија Цветановска неодамна ги промовираше песната и видеоспотот „Кога те љубев“. Таа студира џез на Факултетот за музичка уметност во Скопје, настапува со бендот „Калабалак“ и работи на свои музички проекти. Во интервју за Радио МОФ, Цветановска зборува за тоа како во една поп-песна ги пренесува копнежот и олеснувањето по невозвратена љубов, што научила од својата менторка Андријана Јаневска и како џезот ѝ помогнал да му верува на сопствениот музички инстинкт.

„Сакав во мојот глас да се почувствуваат и тагата и носталгијата, но и една тивка сила и прифаќање“
Во „Кога те љубев“, Цветановска ја препознала емоцијата што останува по една љубов. Додека ја снимала песната, сакала преку гласот да ја раскаже приказната зад стиховите.
„Зборувам за трага, без разлика дали завршила среќно или не. Токму таа емоција ја препознав во песната. Додека ја пеев, не сакав само да ги отпеам зборовите, туку навистина да ја пренесам приказната и чувството што стои зад нив. Мислам дека најубавите интерпретации се оние во кои пејачот искрено верува во секој испеан збор.“
Во интерпретацијата ги спојува копнежот по љубовта и олеснувањето кога ќе се ослободиме од еднострана врска. За неа, песната го опишува и моментот кога човек учи да продолжи понатаму со она што го чувствувал.
„Со мојата вокална интерпретација сакав да пренесам една емоционална спротивност – од една страна, искрен копнеж по љубовта што некогаш сме ја имале или сме посакувале, а од друга, олеснувањето што доаѓа кога конечно се ослободуваме од тешка, еднострана љубов. Сакав во мојот глас да се почувствуваат и тагата и носталгијата, но и една тивка сила и прифаќање. За мене, песната не зборува само за загубена љубов, туку и за моментот кога учиме да продолжиме понатаму, без да го негираме она што некогаш сме го чувствувале.“
Музиката, текстот и аранжманот се на Виктор Апостоловски. Цветановска вели дека меѓусебната доверба во соработката ѝ дала простор да ја доживее композицијата на свој начин.
„Зад музиката, текстот и аранжманот на „Кога те љубев“ стои Виктор Апостоловски, со кого имав навистина убаво и професионално искуство. Ми беше особено драго што соработував со човек кој точно знаеше каква емоција сака да пренесе преку песната. Имав простор да ја доживеам композицијата на свој начин и да внесам дел од себе преку вокалната интерпретација. Сметам дека најважниот дел од ваквата соработка е меѓусебната доверба, а токму тоа овозможи песната да го добие својот конечен облик.“
Видеоспотот ја продолжува приказната низ кадри што ги доловуваат копнежот, тагата и ослободувањето. Од снимањето, пејачката ќе го памети искуството да ги изрази тие чувства и пред камерата.
„Идејата за видеоспотот се развиваше во насока да се долови емоцијата што ја носи песната, но и да се надополни нејзината приказна преку визуелниот приказ. Сакавме видеото да не биде само придружба на музиката, туку да има своја атмосфера и да му овозможи на слушателот уште подлабоко да се поврзе со песната. Особено ми значеше што преку кадрите можевме да ја прикажеме таа мешавина од копнеж, тага и ослободување од љубов што не била возвратена. Од снимањето најмногу ќе ми остане во сеќавање можноста да ја проживеам емоцијата на песната и пред камерата, а не само преку пеењето.“
„Преку студиите на ФМУ открив нови димензии на сопствениот глас“
Слободата за импровизација ја привлекла Цветановска кон џезот. На ФМУ почнала подобро да ги запознава можностите на својот глас и да го применува техничкото знаење во интерпретацијата.
„Џезот го избрав затоа што отсекогаш ме привлекувала слободата што ја нуди овој музички жанр. За мене, џезот не е само музика, туку простор за истражување, импровизација и искрено музичко изразување. Преку студиите на ФМУ открив нови димензии на сопствениот глас, научив повеќе да ги разбирам неговите можности и да не се ограничувам во интерпретацијата. Особено ми значи што образованието ми овозможува да ги спојувам техничкото знаење и емоцијата, бидејќи верувам дека токму тие две нешта ја градат автентичноста на еден изведувач.“
„Кога те љубев“ жанровски е поп-песна. Цветановска влијанието на џезот го препознава во слободата со која ја пее и во довербата во сопствениот музички инстинкт.
„„Кога те љубев“ е пред сè поп песна и нејзиниот музички израз припаѓа на тој жанр. Сепак, сметам дека џезот има големо влијание врз начинот на кој денес го доживувам и интерпретирам секое музичко дело. Техниката, слободата и можноста за индивидуално изразување што ми ги овозможи џезот, постепено ја изградија мојата лична вокална препознатливост. Ми помогнаа да стекнам слобода да си верувам на сопствениот музички инстинкт и да не се ограничувам во начинот на кој ја пренесувам емоцијата. Можеби џезот не се слуша директно во „Кога те љубев“, но дефинитивно се чувствува во начинот на кој ја интерпретирам песната.“
Меѓу нејзините најрани музички влијанија е Селин Дион. Со текот на годините, Цветановска откривала изведувачи од различни жанрови и од нив црпела идеи за тоа како да изгради сопствен стил.
„Уште од мала многу ја слушав Селин Дион, па можам да кажам дека светски музички имиња како неа имаа големо влијание врз мојот музички развој и начинот на кој денес се изразувам преку музиката. Секако, низ годините откривав и многу други пејачи и музичари од различни жанрови од кои постојано црпам инспирација и знаење. Сметам дека секој уметник што ме инспирирал оставил по некоја трага во мојот музички развој. Сепак, најважно ми е сите тие влијанија да ги приспособам на сопствениот сензибилитет, наместо да имитирам некого. Верувам дека препознатливиот израз се гради токму така – преку учење од другите, но и преку пронаоѓање на сопствениот начин на раскажување приказна преку музиката.“
„Денес можам слободно да кажам дека сцената ја чувствувам како свој втор дом“
Покрај студиите, Цветановска настапува со „Калабалак“ и работи на индивидуални проекти. Вели дека понекогаш е напорно да ги усогласи факултетските обврски со пробите, снимањата и концертите.
„Искрено, понекогаш е навистина напорно да се усогласат сите факултетски обврски со снимањата, пробите и настапите, но сметам дека кога постои желба и љубов кон она што го работиш, сè може да се постигне. Успевам да ги балансирам студиите со настапите со мојот бенд „Калабалак“, како и со сите мои индивидуални проекти, концерти и други музички ангажмани.“
Андријана Јаневска, нејзината менторка на ФМУ, има значајна улога во нејзиниот развој како пејачка. Цветановска вели дека настапите со факултетскиот ансамбл и џез оркестарот ѝ помогнале да стекне сигурност пред публика.
„На факултетот најмногу научив од мојата менторка, Андријана Јаневска, која има огромна улога во моето музичко созревање и во изградбата на мојот вокален и изведувачки идентитет. Преку неа се изградував како образован пејач и изведувач. Дополнително, настапите што ни се овозможени преку факултетот, како дел од ансамблот и џез оркестарот, ми помогнаа да стекнам сценско искуство и сигурност. Денес можам слободно да кажам дека сцената ја чувствувам како свој втор дом.“
Од позиција на млад изведувач, Цветановска зборува и за предизвикот да се создава музика и да се најде место на домашната сцена.
„Како млад изведувач, можам да кажам дека творењето и пробивањето на домашната музичка сцена во Македонија воопшто не е лесен процес.“
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов




