„Кратко, ем јасно“ со Михаил Караколев, пожарникар

Македонскиот пожарникар не прашува – ниту бира, тој обавува како да нема што да изгуби, вели пожарникарот Михаил Караколев во интервју за Радио МОФ. Со него разговаравме за пожарникарската професија, условите во кои работат овие луѓе, како и за промените кои се потребни за подобрување на состојбата на пожарникарите.

На прашањето како се станува пожарникар имате кажано: „Пожарникар се станува со желба за униформа и среќа да те примат“, па од што се состои тој приемен дел, дали физичкиот изглед е пресуден за самиот приемен и каков е процентот на мажи и жени во службата?

Прв чекор или услов за конкурирање на конкурсот за вработување пожарникар е завршен курс за доброволен пожарникар, документ без кој не можеш да учествуваш во „тркалото на издржливоста“. Во тој курс следи запознавање со основните техники, алатки, опрема, како и справување со мали и почетни пожари. Тука се вбројува и ракувањето со неколку типа на ПП-апарати. Потенцијалните кандидати се сретнуваат и со материјал кој ги содржи сите информации околу изворот, причините и условите за настанување пожар, како и нивна превенција. Дел од стартната презентација се случува и во бригадата на Град Скопје. Најчесто тој курс го обавува Здружението на доброволни пожарникари „Бајрам Мифтари“ – Чаир, што е за поздрав. Еве ќе искористам прилика да ги искритикувам општините и ПП-Сојузот, кои треба да се ангажираат околу обавување на истото како и редовно да ги едуцираат граѓаните по своите пунктови, кои не се во функција деновиве. Сметам дека секоја општина треба да има тим од свои доброволни пожарникари и совесни граѓани. Доста беше сеир и фоткање со мобилен. Срамот е голем како што е и голем бројот на луѓе кои не знаат да ракуваат со ПП- апарат, а не го знаат и бројот на Пожарната – кој е 193! Срамота е да се повторуваме околу тоа дека тој тип на едукација треба да почне од најмали нозе. Мора да ги совладаме основите како и чекорите при справување со тој тип на несреќи, контрола на стрес, заштитни мерки, должност кон себе и другите во околината. Физичкиот изглед не е пресуден, зашто често знаеме да се изненадиме од способноста на луѓето кои веќе со поглед сме ги отпишале. Логично е спремен лик да изгледа поатлетски од друг, но не е пресудно. Не можам да го свртам муабетот дека ова е само машка работа, затоа што не е, и тоа го докажала службата. Ние веќе имаме две девојки кои го докажуваат спротивното од стереотипите. Тој број е мал, но е некаков почеток. Се надевам дека на следното примање ќе видиме повеќе пожарникарки.

Каква е разликата и што недостасува помеѓу странските стандарди и нашата противпожарна бригада и според тебе кој тип на пожар е потежок – пожар на отворен простор (стихија) или во објект?

Разликата или пристапот во стандардизацијата на пожарникарството не е различна ни таму – ни тука, туку
кај нас (иронична насмевка) недостасуваат кадар и возила, со лична заштитна опрема веќе се снабдуваме, не можам да се пожалам. Има една реченица која е и по малку вулгарна (полувистинита), а ја кажаа неколкупати наши странски колеги, гледајќи ја нашата работа од страна, а таа гласи: „Вие сте пожарникари со најголеми тестиси, а мажи со мозок како орев.“ (искрена насмевка). Целта на овој муабет беше дека македонскиот колега работи еден за тројца и влeгува онаму каде што ни американски колега не
би влегол без соодветна опрема. Македонскиот пожарникар не прашува – ниту бира, тој обавува како да нема што да изгуби! Ќе повторам, не бираме, не оценуваме по физички изглед или политичко/религиозна припадност. Нас ни треба бројка, луѓе кои искрено би влегле во овој начин на живот, во оваа работа која те дефинира и сѐ се базира на неа. Нормално и плата соодветна според европските стандарди. Пожар нема полесен или потежок, пожарот може да биде различен. Сè зависи од поставеноста, условите, возилата, луѓето, времето и климата, како и тип на објект или висинска површина. И да сакам да се обидам да споредам, 12 часа на шумски пожар (на отворено) со три часа пеколна работа на станбен објект (куќа, зграда или висококатница) немам мерач на потрошени калории со мене. Можам да додадам дека има ситуации во една работна смена, кои прават да се вратиш дома три килограми полесен. До тој степен знае интервенцијата да ти ја „извади маста“!

Да не постоеше пожарникарството што би биле по професија и како го поврзувате пожарникарството со готвење?

Би ти ја зел твојата работа, би продолжил да готвам попрофесионално, можеби и танцувањето би го
продолжил на повисоко ниво, би допрел и со ноќна програма на радио, добри беа скопските 90-ти. Како прво, пожарникарите готват за себе и своите колеги во своите станици. Убаво е да се види дека тој систем сè уште функционира и кај нас. Дека се докажани готвачи светот веќе знае, направени се шоу готвачки програми и простор за топла вода од наша млазница има. Би направил шоу „Брзо готвам / Бавно љубам“. Јас со униформата и престилката пречекувам мажи кои во живо ќе им готват на своите партнерки, па нека пробаат да промашат чиј залак беше ова!

Антонио Мисиркоски

*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „младинските муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески