[Кратко, ем јасно] Искрено со Миа Костова

*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „Mладински муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески.

Миа Костова е наша инфлуенсерка, која секојдневно нè воодушевува со нејзините фотографии, мислења и ставови на нејзиниот инстаграм-профил.

Миа, отворено зборува на различни теми и гласно го искажува своето мислење.

Од каде Ви се роди идејата за да бидете инфлуенсерка и колку долго сте во оваа професија?

Инфлуенсерството не беше идеја ниту нешто што сум го посакувала или сум работела на истото. Во мојот случај јавноста делумно ме познаваше од телевизија, па некако кога почнав почесто да се појавувам на Инста, само ми се наметна, и првите соработки ми почнаа многу брзо.

Дали имате добиено некоја невообичаена понуда за соработка која никогаш не би ја прифатиле?

Секојдневно добивам понуди за соработка кои редовно ги одбивам. Најчесто се производи кои не ми се допаѓаат или услуги кои никогаш не би ги користела. Сметам дека и те како работам на тоа, луѓето што ме следат да ми веруваат. Последно, одбив реклама за брзи кредити и казино. Не сметам дека треба да убедам некого во нешто од што буквално би избегал секој нормален човек.

Миа, пред извесен период имавте објавено фејсбук-статус за потешкотиите со кои се соочува секој самохран родител. Дали сметате дека државните институции даваат доволна помош и поддршка на оваа категорија луѓе?

Мислам дека она што го нуди државата е еднакво на срам и навреда ако тргнете по шалтери да земете надокнада и ако спаѓате во категоријата „самохран родител“. Ниту сум била – ниту знам што нуди државата, сум се откажала кога сум ги прочитала мајките по фејсбук-групи и никогаш не сум ни стигнала до тоа да искусам што ми нуди државата.

Автор: Тео Николовски