„Кратко, ем јасно“ со Ана Бунтеска, поетеса

Пишувањето поезија е една чудна професија за која не постои факултет, не постои ниту шема ниту насока како се пишува една поема. Затоа одлучив неколку одговори да извлечам директно од личност која е вклучена во ваквиот процес – Ана Бунтеска.

Како се одлучивте за првиот стих, како доаѓа до првиот стих?

Ова е веројатно едно од најтешките прашања кои ми ги поставиле. Уметноста е исто како и љубовта, нема одлука туку само присуство или отсуство на емоции. Не можам да кажам дека сум седнала да размислувам како да почнам песна, но најчесто се производ на одредена емоција, доживување, настан, па некогаш дури и сон. Некогаш се случува и песната отпосле да е резултат на тоа што сум го пишувала, а некогаш излегува нешто сосема различно од темата за која сум пишувала. Затоа уметноста се поврзува со слобода, нема правила, нема шеми, нема ограничувања. Верувам дека сите оние кои се занимаваат со кој било вид творење не седнуваат со план, туку оставаат да ги води внатрешното чувство кое е непредвидливо. Токму тоа внатрешно чувство кое го вади на хартија дури и тоа за што не сум била свесна дека ме мачи или го имам во себе, го прави пишувањето да е буквално прочистување на психата, или еден вид ментален оргазам.

Како се развиваат вашите поеми, прошетајте не низ фазите од една ваша песна.

Ах, фази не знам ниту дали имам. Никогаш отпосле не ги преправам песните, одат токму онака како што сум ги напишала. Сè отпосле ми е како да си ги коригирам емоциите, а тоа не сакам ниту знам како да го направам. Порано можев да пишувам само навечер, заради тишината на ноќта, но во последниве години научив потполно да се исклучувам од сите надворешни дразби и да можам спокојно да отворам лап-топ каде било. Ми се случува да сонувам како рецитирам песни, што е многу интересно бидејќи секогаш се обидувам моето присуство на сцена да го сведам на минимум. Песните кои ги рецитирам во сон ми остануваат како некое бледо сеќавање кое отпосле (дури и по неколку недели или месеци) можат да ми го вратат назад целиот филм, предизвикан од мирис, фотографија, случка… Малку ми е криво што сум мрзелива, па не станувам во тие моменти за да запишам туку ги повторувам во себе стиховите и си велам “Запамти, Ано!”, ама сабајлето кога ќе станам секако дека ништо не паметам. Но, тоа одамна не ме загрижува бидејќи знам дека вака или онака, кога-тогаш сè ќе си излезе кога ќе му дојде времето.

Како изгледа еден ваш работен ден каде активно пишувате?

Како жена која живее сама со ќерка ми и која има професија која нема никаква допирна точка со пишувањето, ретко имам денови во кои можам да кажам дека активно пишувам. Пишувам редовно, но активно не. Некогаш за три дена можам да изнапишам онолку – колку што вообичаено би ми требало барем три недели. Некогаш заради обврските со полно работно време на берзата, домашните обврски со Нина и околу домот, ми ја оставаат само вечерта. Всушност, да бидам искрена, не знам ниту дали сакам да имам можност активно да пишувам секој ден. Тој баланс меѓу работата (економист по професија) и креативниот дел, ми е повеќе од добредојден. Човек треба да има механизми на полнење на батериите и затоа мислам дека балансирањето или компромисот со себе е многу важен.

Елена Николоска

*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „младинските муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески