[Фото] Поеми од студенти поставени во битолските автобуси

15 поеми напишани од студенти на Битолскиот универзитет беа поставени во сите автобуски превозници на општинскиот редовен превоз во Битола како дел од проектот „Поезија во движење низ Битола“ кој го спроведуваат Здружението за граѓански активизам ФОРУМ 16 – Битола и Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УСС УКЛО).

Поемите се поставени во автобусите на Транскоп, Гопеш транс, Лука превоз, Џем турс и Боби турс, а целта со овој проект и оваа проектна активност, според организаторите на акцијата, е преку поезијата како алатка да се промовира користењето на јавен превоз и да се влијае во подобрување на животната средина во општина Битола.

„Поемите се еден начин на кој се обидовме да ги мотивираме младите не само да го искажат своето мислење и став за Битола, за животната средина, за урбаниот простор и за други теми од нивни интерес, туку и да се мотивираат да користат јавен транспорт и така да придонесат кон здраво животно окружување. Истовремено сакавме да им го разубавиме времето на сите оние кои користат градски превоз особено во години кои се доста предизвикувачки и загрижувачки поради пандемијата од КОВИД 19- вирусот. Особено сме благодарни до сите автобуски превозници кои кога им ја најавивме идејата, веднаш обезбедија поддршка и дадоа согласност да се постават поеми во автобусите“, велат од ФОРУМ 16 и УСС УКЛО.

Со цел да се развијат креативните и да се поттикнат творечките способности кај младите од Битола, во рамки на проектот „Поезија во движење низ Битола“ во текот на мај 2021 година се одржаа работилници за креативно пишување со поетесата Ана Голејшка Џикова. Се распиша и конкурс на кој студентите можеа да испраќаат поеми, дел од нив се селектираа и се објавија во автобуските превозници, а сите творби се објавени во електронски зборник.

Проектот „Поезија во движење низ Битола“ се реализира во периодот од април до јули 2021 година со сопствени средства на УСС УКЛО и ФОРУМ 16, како дел од нивните програмски активности.