Видео проекција и дискусија за видео и ангажирана уметност во МСУ

Во организација на КСП Центар – Јадро, во Музејот на современа уметност ќе се одржи разговор помеѓу кураторката Јованка Попова и визуелната уметница Ана Адамовиќ, како и на проекција на видео.

Избраните видео дела што ќе бидат претставени и дискутирани се осврнуваат на главните преокупации во уметничката пракса на односот помеѓу ангажираната уметност и видео-уметноста.

Настанот ќе се одржи во четврток, 15 јули, со почеток од 21 часот.

Ана Адамовиќ (Белград, 1974 г.) се занимава со прашањата за идентитетот и меморијата како лични така и колективни, работејќи на долгорочни фотографски и видео проекти.  Дипломирала на одделот за светска книжевност на Белградскиот универзитет и студирала фотографија на Институтот за уметност во Бостон. Таа е кандидатка за докторски студии на Академијата за ликовни уметности, Виена. Адамовиќ е основачка на киоск-платформата за современа уметност во Белград заедно со историчарката на уметноста Милица Пекиќ. Живее и работи во Белград.

Јованка Попова (1980, Скопје) е кураторка во Музејот на современата уметност – Скопје и кураторка и програмска координаторка на Проектниот простор „Прес ту егзит“. Докторантка на Факултетот за медиуми и комуникации СИНГИДУНУМ во Белград. Магистрирала на Институтот за Историја на уметноста, насока – современа уметност на Филозофскиот факултет во Скопје. Работела на повеќе домашни и интернационални кураторски проекти. Во 2019 била кураторка на северно македонскиот павилјон на 58. Венециско биенале.  Претседателка е на AICA Македонија – здружение на ликовни критичари, историчари на уметноста и кустоси кои дејствуваат на полето на модерната и современа уметност.