„Скала Магазин“ отвора повик за млади уметници за заедничка галериска изложба

„Скала Магазин“ под мотото „Затоа што вашата уметност припаѓа во галерија, а не на Инстаграм!“ отвора повик за млади уметници за заедничка галериска изложба, а на повикот може да се пријават уметници и автори до 35 години. Младите креативци треба да пријават дела на тема „Патерн: Визуелни размисли за стереотипите“.

Пријавените дела може да бидат во разновиден визуелен медиум – слики, фотографии, дигитални графики и илустрации, графики инсталации или скулптури. Секој автор може да пријави максимум три дела.

„Скала Магазин“ ја презема обврската за печатење и врамување на делата, како и изложување во галериски простор. За изложбта ќе биде испечатен каталог, а за отворањето на галериската изложба ќе биде организиран коктел-прием.

Од сите пријавени автори на конкурсот, стручното жири (кое ќе биде објавено заедно со резултатите) ќе направи избор на десет автори чии дела ќе бидат реализирани и изложени.

Пријавените дела треба да содржат кратка наративна биографија (не повеќе од 200 зборови) од авторот, наслов на делото и медиум-техника. Материјалот треба да е на македонски јазик, со македонска поддршка.

Пријавите треба да се испратат најдоцна до 20 септември, на skalamagazine@gmail.com со наслов „Добро утро креативци“.