„Домче – собрание на духови“ – презентација на работен уметнички процес

Како дел од 17. АКТО Фестивал за современи уметности, а во организација на Факултет за работишто не се учат – ФРУ, денес, на 10 декември, од 17 часот во „Домче“ – поранешна месна заедница во Тафталиџе, ќе се одржи презентација на работниот процес под менторство на театарскиот колектив GEHEIMAGENTUR од Хамбург и студенти од Архитектонски факултет и Факултет за Драмски уметности – Скопје.

„Во една куќа, во било која структура изградена од луѓе, има нерешени конфликти и неисполнети иднини. Куќата, како настанала, нејзината историја и приказните на луѓето кои живееле и работеле во неа, содржат сè уште нереализирани иднини. Нејзините духови ќе ни кажат за овие можни иднини. Треба само да ги најдеме“, се вели во соопштението за настанот.

Учесници се студенти од Архитектонски факултет – Ева Живковиќ, Габриела Гаврилоска, Ангела Станоевска и студенти од Факултет за Драмски уметности – Александар Јовановски, Борис Василески и Кристијан Караџоски.

„Ве покануваме на првото Собрание на духовите. Во оваа ноќ ќе сретнете некои од духовите кои со декади го населуваат ДОМЧЕ, како: Ехото на иднината, Кошмарот на Социјалистичката партија, Духот на ПРОТЕСТтонски, духот Амбис, духот на минливото тело, духот на конфликтите на минатото и борби за иднината, сите тие духови се спојуваат во Собранието на духови“, велат организаторите.

Месната заедница „Домче“ се наоѓа спроти основното училиште „Јан Амос Коменски“, улица „Варшавска“ бр. 23.