Осмо издание на мултимедијалниот настан „Под земја полесно се дише“

По две години принудна пауза, гаражите под „Плочник“ повторно ќе станат социјални простори преку одржувањето на осмото издание на мултимедијалниот настан „Под земја полесно се дише“.

Настанот ќе се одржи на 24 декември, сабота, со почеток во 20 часот, на добропознатата „андерграунд“ локација.

„Дише(ме) ли? Скопје тлее под земја. Во време – невреме, се бара спас и прибежиште кон внатре. Светот да остане скриен, наш, освестен и буден. Последен крик за здив, испумпан воздух од машини за дишење’, велат од „Кула“, организаторите на настанот.

Предвидени се ликовна и музичка програма, но и читање на поезија и рецитирање рими во ритам, продажба на маици, торби, цртежи, графики и дигитални дела, а посетителите ќе може да се загреат со греено вино.

„Констатации за констипации (интермецо)“ е името на рецитирањето на рими во ритам, изведено од
„Vagabundo“ и „Leo Enigma“, додека поетското читање е насловено „Провинциска Анти – поезија за фестивали, локали и секакви пригоди и приредби“.

Во рамки на ликовната програма ќе се претстават уметниците Душан Стефановски,  Јован Јосифовски, Ана Трајковска, Партизанска Штампа, Марко Гутиќ Мижимаков, Ника Печарина, Маркус Броунлоу, Селчук Чолакоглу, Камелија Каламеринкова, Илина Василеска, Соња Ставрова, Бранкица Јордановска, Сања Симоска, Самир Карахасан, Ертунч Сали и Викторија Попоска.

Настанот има предвидено и музичка програма, а ќе настапат пост-панк бендот „Дивоградба“, панк-рок бендот „Мариналеда“ и „dark-folk“ самовилите „Перија“.

Дивоградба: го слушаш алтернативниот звук измешан со пост – панк звукот, но нешто те тера подлабоко да навлезеш во загадочниот текст и целата приказна зад можеби не толку концептуалниот албум. Се мешаат две енергии, два гласа, две засебни реакции на заедничка средина.
Користејќи ги скромните резерви на градежен материјал што ги имаат тие ја создаваат нивната „Дивоградба“.

„Мариналеда“ се панк-рок бенд од Скопје, кои би им се допаднале на фанови на „Leatherface“, „Husker Dü“, „Dinosaur Jr.“, „Archers of Loaf“, „Small 23“… Неодамна го издадоа нивниот трет албум „Кредит на мртов човек“ во лимитирано издание на 40 аудио касети кој ќе биде достапен на настанот.

„Перија“ е музички состав кој може да се класифицира како „dark folk“ или „world music“. Нивната музика е експеримент составен од музичките влијанија на членовите, кои варираат околу традиционалната музика на балканот, макамите од Блискиот Исток, пост – панкот, како и атоналната музика. Текстовите на песните се на различни јазици од балканот, нивната идеја е едноставна: заедништво, неподеленост, неомраза. Темите на кои се нафаќаат се често деликатни општествени теми, содржани во поемите на автори од Балканот и Турција, исечоци од весници или стари, заборавени, често морбидни, песни од селата низ целиот Балкан. „Перија“ е македонски збор со турско потекло и значи самовила. Токму таа митолошка врска со темнината на балканските шуми е чувството кое тие се обидуваат да го пренесат во својата музика.