Скопје добива два легални ѕидови за графити

Градот Скопје во рамки на кандидатурата за Европска престолнина за културата за 2028 година назначи два легални ѕидови за слободно користење од уличните уметници за пишување и цртање графити, сликање мурали и тагирање.

Од „Тимот на Скопје 2028 – Кандидат за Европска престолнина на културата“ известуваат дека за слободна графити зона се прогласени  потпорниот ѕид на улица Војвода Васил Чакаларов (Адолф Циборовски) по Реплек, како и ѕидовите од двете страни на булевар Гоце Делчев под поранешна Стоковна куќа МОСТ, денес Универзитет на Југоисточна Европа.

„Легалните ѕидови ќе бидат означени со табли со кои се потврдува слободата и безбедноста за нивно користење за креативен израз од страна на уличните уметници. Легалните ѕидови ќе бидат назначени и слободни за користење на 26 јули 2021 година, на денот на Солидарноста, како сеќавање на катастрофалниот земјотрес во Скопје“, соопштуваат оттаму.

По тој повод иницијаторите организираат и  акција на цртање на графити на легалниот ѕид на улица Војвода Васил Чакаларов на тема „Солидарност” на која учество ќе земат седум домашни улични уметници – Ертунч Сали, Давор Кешќец, Марко Вујисиќ, Драган Китановски – Драж, Дејан Давчевски, Блаже Атанасков и Ермал Криезиу. Акцијата на цртање графити ќе се реализира викендот на 24 и 25 јули, во партнерство со Младинскиот културен центар.

„Тргнувајќи од тоа дека уличната уметност, пред сѐ, пишувањето/цртањето графити во поголем дел од светот вклучувајќи и кај нас е нелегална, многу градови именуваат и креираат легални ѕидови со што им овозможуваат слободен и безбеден простор за креација и уметничко изразување на уличните уметници“, објаснуваат иницијаторите.

Тие додаваат дека „Легален ѕид / Legal Wall“ е дефиниран ѕиден простор од поголем размер, одобрен од страна на сопственикот или локална власт за слободно користење. Како слободен простор за креација легалниот ѕид овозможува на секој заинтересиран уличен уметник да може да создава уметност без временско одредено или законско ограничување.