„За Скопје“ – мултимедијален настан во МКЦ на 26 јули

Во Младинскиот културен центар (МКЦ), на 26 јули, вторник, ќе се одржи настан кој ќе го одбележи трагичниот ден кога се случил скопскиот земјотрес во 1963, но и ден кој потсеќа на помошта која била пружена од целиот свет.

„26 Јули е денот кога Скопје ја доби својата прва голема лузна, но е и денот кога Скопје дозна колку голема љубов и поддршка има од другите градови и држави“, велат од МКЦ, кои заедно со Град Скопје се организатори на настанот.

На 26 јули, со почеток во 19 часот, во МКЦ ќе се одржи поетско читање, ќе биде отворена изложба, ќе има филмска проекција, како и музичка програма. Влезот е слободен.

Под мотото „Со љубов за Скопје кое го сакам“, традиционално ќе се одржи поетско читање од Организацијата на жени од Град Скопје, а поетесите ќе читаат стихови посветени на Скопје.

Ќе биде отворена и изложбата „За Скопје со срце од целиот свет“ на авторката Зоја Богдановска, која е подготвена од Музејот на Град Скопје.

„Основната идеја на изложбата е пред публиката да се презентира хуманоста и солидарноста на народите од целиот свет, кои не признаваат граници и меридијани, а океаните стануваат мала пречка кога човекот сака да му помогне на човека“, се вели за изложбата.

Во рамки на настанот ќе се одржи и проекција на филмот „1963: Добра ноќ Скопје“, на Илија Павлов.

Публиката ќе има можност да ги проследи и музичките настапи на Бојан Чакра, кој ротира околу џезот,  современиот џез состав „Zulu 3.4“, групата „OFF GROUND ENSAMBLE“, кој прави мешавина од афро традиционалните ритми со фузија на џез и светска музика и бендот „КАЛАТА“ чија музика е инспирирана од традиционалната македонска музика.