Вечер започнува 41 издание на Скопски џез фестивал

Со настап на ансамблот „Exploding Star Orchestra“, предводен од трубачот и сестран уметник Роб Мазурек, кој е воедно и „лидер“ на  чикашката арт-џез сцена, вечерва, 13 октомври, ќе започне 41-то издание на Скопски џез фестивал.

Организаторите известуваат дека ова е единствениот концерт на оркестарот во Европа, покрај оној во Лисабон летово, со актуелната инкарнација на „Exploding Star Orchestra“, заслужна за ремек-делото „Dimensional Stardust“ од 2020 година.

Настапувачите на сцената ќе бидат придружени со камерниот оркестар на „Fames“ – Европскиот Институт за оркестарско изведување.

„Овој многуброен музички ансамбл на сцената на Националната опера и балет ќе изведе, покрај материјал од спомнатиот албум, и дело специјално напишано за оваа прилика од страна на Роб Мазурек“, дополнуваат оттаму.

На првата фестивалска вечер ќе биде доделена и Наградата за најдобар млад македонски џез состав која оваа година ќе ја добие скопското инструментално џез-трио „Zulu 3.4′, односно Дамјан Даневски (тапани), Марио Симоновски (гитара) и Мартин Џорлев (клавијатури).

Станува збор за традиционална награда што Скопскиот џез фестивал ја доделува веќе шест години по ред.

„Тие годинава ја освојуваат наградата сосема заслужено, со оглед дека својот уникатен, оригинален звук, присутен на нивните три албумски објави, успешно го изнесоа на бројни домашни и странски концертни подиуми, освојувајќи искрени симпатии кај музичките новинари и публиката“, нагласуваат организаторите.

Програмата ќе продолжи во Младинскиот културен центар со настап на награденото три, со почеток во 23 часот.

Целосната програма на овогодишното издание на Скопски џез фестивал е достапнa тука.