Снежана на крајот умира – комичниот пркос на слободата

Пушти го ова „у“ позадина и почни со читање.

Вчера го фатив „последниот воз“ ја изгледав последната од серијалот проекции на „Снежана на крајот умира“ во Кинотека.  Не отидов со очекувања и се изненадив.

Ова не е уште еден филм за скопските трауми од деведесетти. Тие се секако присутни, но овојпат во фокусот младината една генерација помлада од онаа транзициската. Генерација израсната во старите болки и на прагот на новиот милениум.

„Снежана на крајот умира“ носи свежина во веќе излитената тема зашто овојпат во фокус е добрината и емпатијата. Чисто колку да нѐ потсети дека постојат.

Иако филмот се темели на поетиката на градот и „остатоците од девеести“, режисерот Кристијан Ристески не запаѓа во клишеа и дава една поинаква перспектива – комичност, другарство и надреален пркос како противотров на скопските напластени трауми.

Една мува што живее и умира во скопската горештина е топ избор за нараторка која може да долови приказни за ликовите зашеметени од скопската омарнина. И метафорична и реална.

Велам зашеметени, бидејќи во слоевитите, но навидум „чамче муабети“ скопјаните во филмот ги спојува супер моќта да испливаат од апсурдното „срање“ на мочурливото општество преку уште поапсурдни, но комични и пркосни решенија.

Во нелинеарното дејство на „Снежана на крајот умира“ се раскажани три приказни кои се испреплетуваат.

„Атипичната“ романтична приказна на социјално изолираната уметница Маја и водителот со Аспергеров синдром, приказната за другарството на тројцата пријатели од детство, Горазд, Дејан и Никола и емпатичната приказна на Снежана, поранешна музичарка и гинеколог која се грижи за Боби, „златното дете“ на нејзината почината пријателка.

И додека како гледач ми се здосадени нелинеарните приказни на локалната, но и на глобалната филмска сцена, „Снежана на крајот умира“ барем супер ги „вози“ испреплетените приказни и ги носи до задоволителен крај и целина.

„Ја не разбирам брат како се отиде у курац без ние да приметиме“

Дијалозите се „пуни“ со скопски дијалект кој помага и дотура на комичноста, но и со откачени асоцијации од (поп)-културата. Такви се оние помеѓу Маја (Наташа Петровиќ) и Игор (Давид Јанакиев), но и помеѓу тројцата пријатели Никола (Ивица Димитријевиќ), Дејан (Дениз Абдула) и Горазд (Сашко Коцев). Како на пример, кој е режисерскиот порно пандан на Дејвид Линч.

Петровиќ и Јанакиев успешно се носат со атипичните ликови кои ги глумат – акутно изолирана уметница која мрази луѓе и нема директна комуникација со нив, наспроти водителот кој не може да лаже и константно зборува. Многу ми се допаѓа што ликот на Маја излегува од шаблонот на „manic pixie dream girl“ во приказната на Игор. Тие не се натпреваруваат, туку се надополнуваат. Како две парчиња од слагалица.

Никола, Дејан и Горазд се тројца пријатели од детство кои уште се дружат и покрај различните судбини. „Дремат“ пред видеотеката „Слабо поведение“ во современо Скопје и брборат за успешни бизнис идеи, како на пример, видеотеки во 2022 година. И покрај баналноста на нивните муабети, тие се неприкосновени кога треба да се помогне, па нивната емпатичност е крајно симпатична.

Овие пет лика, преку своите судбини прават разновидна палета и меѓуредови зборуваат за последиците од проблемите со кои се соочува младината денес – дијагнози неразбирливи за „бумери“ и генерација Икс, сиромаштија, јадежите од доцниот капитализам наспроти чистината на личните вредности, пропаднатите љубовни релации, па и стереотипите за „вистинскиот“ маж во современиот контекст.

Верица Недеска е одлична во глумата на Снежана, која буквално дава сѐ  од себе за да му помогне на Боби (Валентино Костадиновски) во борбата со зависноста. „Мадрина“ во матријахат по свој избор, улогата на Снежана е архетипот на женскиот силен карактер. Нејзиниот лик е полн со контрадикторности, но и кршење на стереотипи. Емпатичноста присутна во приказната на пријателите од детство се прелева и во приказната на Снежана и Боби, а истрајноста на Снежана прави публиката да размисли дали изреката „што е многу, многу е“ е соодветна кога некому му треба вистинска помош. И можеби да ги потсети на некои нивни „кревања раце“.

Потреба за подобрување има во ликот на Боби, дилер кој се бори со зависност од хероин, односно надградба во развојот на ликот.

Музиката и кадрите интересно го зачинуваат филмот и додаваат на скопскиот vibe. И додека приказните на ликовите се разкажуваат со soundtrack на скопско техно, „најскопскиот“ нескопски бенд „ТБ Трачери“ и се разбира (шлаг)ерите за крај, низ кадрите Скопје изгледа убаво, дури и низ „изгличаниот“ поглед на една мува.

Преголемиот фокус на свињата која излегува од веце-шолјата и покрај тоа што е важна асоцијација за филмот, прави повеќе штета со големата употреба во маркентинг кампањата и трејлерите. Идните гледачи ги наведува дека филмот ја носи онаа помрачна, магично-реалистична транзиција присутна во македонската кинематографија, додека во реалноста, „Снежана на крајот умира“ е лековит филм за скршени луѓе.

Омарнината на крајот од филмот пука по шавови. И метафорчни и реални. Конечно, дождот доаѓа како олеснување по, се чини, вечната тегоба. На крајот од жешкото скопско лето доаѓа дождот, додека ликовите ги живеат своите расплети. Надреално. И надежно.

Ивана Смилевска