Започнува скопскиот поетски фестивал

Новооснованиот интернационален Скопски поетски фестивал ќе започне утре, на 1 септември, а ќе трае до 3 септември.  Организаторите велат дека изданието ќе понуди само околу една четвртина од  првично планираната програма.

„Програмата најпрво беше преполовена поради недобивањето поддршка од страна на Министерството за култура (во два наврата), а дополнително е скратена заради актуелната состојба со ковид во државата. Сепак, и во вакви околности, одлучивме да го одржиме првото издание, главно со домашни поети, но и со пет странски поети, од кои дел ќе бидат лично присутни, а дел ќе се претстават со видеопроекции“, велат организаторите.

Фестивалот ќе се отвори со настанот „Стихофренија“, кој ќе започне утре во 19 часот пред Младинскиот културен центар, со поетско читање посветено на народната поезија и фолклорот, а за таа цел читањето ќе биде и музички поддржано со настап на дел од членовите на ВИС „Тркалезна маса“.

Во склоп на фестивалот ќе биде отворена и ликовна изложба на која 16 ликовни уметници и графички дизајнери ќе се претстават со свои дела што се директно инспирирани или комуницираат со конкретна песна на секој од поетите што ќе настапат на фестивалот.

Вториот ден од фестивалот, исто така ќе започне во 19 часот, а ќе бидат претставени странските поети, односно Сергеј Тимофеев од Латвија, Марија Дејановиќ од Хрватска, Танос Гогос од Грција, Ким Симонсен и Вонбјошт Ванг од Фарските Острови, како и македонската поетеса Лидија Димковска. Ќе  се емитуваат и неколку куси поетски филмови – дел од нив се наменски снимени и инспирирани од песни на поетите што ќе читаат на интернационалната вечер, авторство на Валентина Бактијаревиќ од Србија, а остварена е и соработка со „Киноскоп“, фестивал на аналогни и експериментални филмови од Белград, Србија, од каде ќе се прикажува и изборот на  шест куси поетски филмови од автори од САД, Јапонија, Германија и Канада.

За третиот фестивалски ден планирана е онлајн работилница за креативно пишување. Работилницата ќе ја води Ким Симонсен од Универзитетот во Амстердам, во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје и Институтот за македонска литература. Работилницата ќе се одвива на „Зум“, а со тоа ќе заврши фестивалската програма.

Од домашни поети на фестивалот се Павлина Атанасова, Биљана Стојановска, Лира Бојку, Снежана Стојчевска, Диме Данов, Јулијана Величковска,  Ива Дамјановски, Владимир Мартиновски,  Лидија Димковска, Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески и Марија Дејановиќ.

Учесници ликовни уметници и графички дизајнери кои ќе претстават свои дела на фестивалот се Зоран Кардула, Ване Костуранов, Никола Пијанманов, Андреј Павлов, Воскресија Андреевска, Тони Попов, Марио Каев, Калин Маловски, Диме Данов, Александар Иванов, Наталија Лукомска, Филип Мартиновски, Ива Јованова, Владимир Лукаш, Емилија Мишева и Владимир Илиевски.