[Интервју] Ѓоко Здравески: „Не го личи еден главен град без поетски фестивал“

Скопје досега немал градски поетски фестивал. Тоа ќе се промени оваа година, кога од 1 до 3 септември ќе се одржи првото издание на „Skopje Poetry Festival“, а според Ѓоко Здравески, еден од организаторите на фестивалот, тој ќе се одржи под неофицијално мото дека „поезијата е поважна од оние што ја пишуваат“.

Околу првото издание на скопскиот поетски фестивал, Радио МОФ разговараше со Здравески.

Фестивалот го правиме со детска искреност

Здравески забележува дека еден главен град не го личи без поетски фестивал. Сепак, истакнува тој, поетскиот фестивал нема да постои само за да постои, туку е замислен да расте и да стане важен во светски контекст поради својот квалитет.

„Ќе го правиме со детска искреност и со сето знаење што го имаме. Годинава ги поставуваме темелите, но имаме визија за многу години однапред. Уметноста е одмор од светот во кој живееме, одмор од метастазата на информации. Затоа е важно да ја има што повеќе“, вели Здравески, дополнувајќи дека важно е поетите да ѝ го отстапат местото на поезијата.

Организатори на СПФ се Јулијана Величковска, Ана Голејшка Џикова, Јованчо Димоски, Ѓоко Здравески, Биљана Стојановска и Снежана Стојчевска. Освен како поети, јавноста нив ги знае и по организацијата и учеството на „Астални проекции“, скопски настан кој преку поетските читања во „Менада“ можеби беше најблиску до градски поетски фестивал.

„Кога пред три години ги завршивме Асталните проекции, си рековме дека следната цел ни е да направиме фестивал во Скопје, така што Скопскиот поетски фестивал има природна поврзаност со Асталните проекции, но сега сме многу повеќе луѓе вклучени и целта ни е подалекусежна и организацијата посериозна. На Асталните проекции природно се создаде и ВИС „Тркалезна маса“, кои ќе ни бидат музичка поддршка на фестивалот, така што, ете, и тоа е некаква врска од тоа време“, вели Здравески.

Ѓоко Здравески /
Фотографија: Јелена Белиќ

Поезијата е како прочистувач на загаден воздух

Според него, поезијата е на маргините и најверојатно таму ќе остане, додавајќи дека му е тешко да ја замисли како центарот на општеството, вели дека не знае што би се случувало со неа кога би била таму.

„Поезијата во ова бетонирано општество ја замислувам повеќе како она младо стебленце што успеало да го пробие бетонот и да се избори за живот и со тоа да создава живот. Уметноста во светов контаминиран од бесмислени информации е нешто како прочистувач на загаден воздух“, објаснува Здравески.

Во едно такво читање на поезијата, Здравески нагласува дека очекува младата публика да биде најбројна на фестивалот.

„Идејата ни е фестивалот да биде жив, весел, разигран, без многу официјални обраќања и поздравувања на нивните екселенции. Неофицијално, некако како за нив (младите)  да го правиме фестивалот.  На фестивалот ќе учествуваат голем број млади луѓе и меѓу поетите и меѓу илустраторите, а и ние организаторите сме тука некаде со годините, но и со духот“, истакнува Здравески.

Тој дополнува дека на првото издание на СПФ ќе се одржи работилница за креативно пишување со Ким Симонсен од Универзитетот во Амстердам, која ќе биде наменета токму за студентите и средношколците – дел од  програмата кој е во најдиректната врска со младите.

Спој на поезија, музика, ликовна уметност и филм

Здравески вели дека склопувањето на фестивалската програма е тешко, особено со ограничени средства и во време на пандемија, дополнувајќи дека дел од идеите се оставени за следните години.

„За оваа година се одлучивме за редуцирана, но разновидна програма. Фестивалот спојува повеќе уметности во едно – поезијата, музиката, ликовната уметност, филмот. Што се однесува на изборот на учесниците, приоритет ни е секогаш квалитетот“, забележува тој.

СПФ ќе се одржи во Младинскиот културен центар во првите три дена од септември, а ќе понуди  изложба на илустрации инспирирани од поезијата на учесниците на фестивалот,  проекција на кратки филмови, музика, промоција на книги, работилница за креативно пишување со Ким Симонсен, а последната вечер ќе има и диџеј-сет со Сергеј Тимофеев, кој ќе биде комбинација на музика и поезија.

„Од странство ќе гостуваат Ким Симонсен, Вонбјошт Ванг, Сергеј Тимофеев, Марија Дејановиќ и Танос Гогос, а од домашните ќе настапат Лидија Димковска, Владимир Мартиновски, Ива Дамјановски, Лира Бојку, Диме Данов, Павлина Атанасова, но и дел од организаторите“, потенцира Здравески.

На фестивалот се вклучуваат и домашни илустратори кој ќе престават свои дела поврзани со поезијата, а меѓу нив се Ване Костуранов, Зоран Кардула, Наталија Лукомска, Тони Попов, Никола Пијанманов, Владимир Лукаш, Воскресија Андреевска, Ива Јованова и други.

Ивана Смилевска