Трето издание на фестивалот „Синестетика“ во недела

По две години пауза, во недела ќе се одржи третото издание на фестивалот „Синестетика“. Фестивалот почнува во 10 часот на ледината „Шамак“, која се наоѓа над Козле, односно во подножјето на Водно.

„Синестетика е фестивал кој нема организатор, мал експеримент на она што може да го создаде заемната помош, доброволната акција и љубовта кон уметноста, отворен и слободен простор“, се вели во најавата за настанот.

Програмата за фестивалот

Од отворањето на фестивалот, па до самиот крај, на околните дрвја ќе бидат изложени ликовни и литературни дела – слики, цртежи, фотографии, песни, кратки раскази од повеќе локални автори, како Стефан Младеновски, Марија Трајаноска, Илија Маџаров и Игор Аврамоски.

„Доколку некој на денот на настанот одлучи дека сака да се вклучи, добредојден е да донесе свое дело и да го изложи. Изложбата ќе има и продажен карактер“, се додава во најавата за настанот.

Оваа година новитет ќе е катчето за друштвени игри, кои ќе бидат обезбедени од „Гоблин“, се посочува во најавата за „Синестетика“, а дополнително игра може да донесе било кој од посетителите.

Исто така, на фестивалот ќе има пунктови за донација на храна, облека и средства кои ќе бидат донирани на социјално-загрозени семејства.

Локацијата на настанот се наоѓа над улицата „Ловкенска“ 4, а во најавата се препорачува да се избегне доаѓање со автомобил, бидејќи на самата локација не е предвидено место за паркирање.