Хрватскиот музичар Пеки Пеле доаѓа на „Здраво млади“

Хрватскиот музичар Пеки Пеле ќе биде еден од гостите на овогодишното издание на фестивалот „Здраво млади“, најавија од фестивалот кој годинава ќе се одржи на 26 и 27 август во паркот на МКЦ Скопје.

Вниманието на пошироката јавност го добива по првото негово издание Deguté за колективнот „više manje zauvijek” од Загреб, во друштво на Свемирко, Фантом, Џутко… и други артисти што гравитираат кон оваа етикета.

„Иако Пеки Пеле се труди да биде мистериозен и не го открива својот вистински идентитет. Меѓу редови, во неговата биографија се навестува дека се работи за личност со фина смисла за хумор и човек што слуша широк спектар на музика. Сам за себе вели дека во стилот на својата домашна продукција комбинира танцувачки поп со панк-естетика, поради кој не го прифаќаат ниту поперите, ниту панкерите, а ние пак веруваме дека скопската публика широкоградо ќе го прифати овој талентиран млад музичар, кој во својот музички израз длабоко навлегува во synth pop/new wave сензибилитетот на 80-тите години од минатиот век“, пишуваат од Младинскиот културен центар во најавата за гостинот.

Пеки Пеле настапува како дуо во живо и за првпат Скопје, каде што се приклучува на досега најавените „Viagra Boys“, „Noga Erez“, „Blackstate“, „Belgrado“, ИСКРА, „Shortparis“ и „Murman Tsuladze“. Билетите по цена од 800 денари за двата фестивалски денови и се достапни на билетарница МКЦ и онлајн преку bileti.mkc.mk.