Недостигот на соодветни училишни тоалети го загрозува здравјето и достоинството на девојчињата во Македонија

По повод 19 Ноември – Светскиот ден на тоалетите, организацијата „Новинари за човекови права“ (JHR) предупредува дека недостигот на соодветни санитарни услови во училиштата во Северна Македонија претставува сериозен предизвик за здравјето, достоинството и родовата еднаквост, особено кога станува збор за менструалната хигиена на девојчињата.

Овогодишното одбележување на Светскиот ден на тоалетите се одвива под глобалната тема „Санитација и родова еднаквост“, со слоганот „Безбедни тоалети. Еднаква иднина“, со што се нагласува потребата од еднаков пристап до безбедни, чисти и достоинствени санитарни услови за сите.

Од организацијата „Новинари за човекови права“ потсетуваат дека пристапот до соодветни санитарни услови не смее да се третира како привилегија, туку како основно човеково право.

Посебно загрижува состојбата со училишните тоалети, каде што недостигот на вода, сапун, приватност и соодветна инфраструктура може да претставува пречка за девојчињата во одржувањето на менструалната хигиена.

Овие недостатоци не се само прашање на инфраструктура, туку директно се поврзани со здравјето, образованието и еднаквите можности. Несоодветните санитарни услови можат да влијаат врз чувството на сигурност и достоинство кај ученичките, но и врз нивното редовно присуство и учество во наставата.

Организацијата со години спроведува активности насочени кон унапредување на менструалното здравје и менструалната правда, подобрување на санитарните услови во образовните институции и застапување за поголема достапност на бесплатни менструални производи.

Како дел од досегашните постигнувања, од JHR го издвојуваат придонесот на нивните иницијативи за намалување на данокот на додадена вредност за менструалните производи од 18 на 5 проценти, како и подобрувањето на санитарните услови во 30 училишни тоалети.

Дополнително, организацијата работела и на иницијативи за воведување мерки со кои менструалните производи би станале подостапни за девојчињата и жените. Од „Новинари за човекови права“ апелираат до надлежните институции да посветат поголемо внимание на санитарните услови во училиштата и да преземат конкретни мерки за обезбедување безбедна и достоинствена средина за сите ученици.

Одбележувањето на Светскиот ден на тоалетите годинава е потсетник дека родовата еднаквост започнува и од обезбедувањето основни услови за секојдневно функционирање, вклучително и пристапот до чисти, безбедни и функционални тоалети.