„Кошмари и соништа“ – изложба на сито печат во Центар-Јадро

КСП Центар-Јадро денес (сабота, 18 декември) со почеток од 14 часот ќе биде отворена изложбата по повод промоцијата на книгата цртежи „Кошмари и соништа“ печатена во сито печат.

Книгата цртежи настана во рамки на инклузивната работилница организирана како соработка помеѓу КСП Центар-Јадро и Партизанска штампа (ЗКУ Колектив Ветерница).

Во текот на 8 неделната работилница, велат организаторите, преку принципот на длабински цртеж се работеше на темата „Кошмари и соништа“.

„Нурнавме длабоко за на површината да го изнесеме богатството на колективното несвесно во црно – црвена боја. Она што се случи несвесно, а го забележавме откако заврши процесот, е тоа дека во истиот останаа само жени, кои трпеливо и храбро се соочија со темните длабочини на нашето битие. На крајот станавме свесни дека го живеевме архетипот на везилка. Со сета почит кон оваа светост во нашиот колективен идентитет, увидовме дека нашата игла беа маркерите со кои цртавме, нашето платно беше хартијата на која печатевме, а нашиот конец беше сито печатот. Преку соочувањето со сопствените кошмари, се обидовме и да го изнедриме и сонот кој лекува, а доаѓа после кошмарот“, се вели во најавата за изложбата.

Резултатот е книга, своевиден манифест на современата везилка која неуморно твори создавајќи печат низ времето.

„Нашите кошмари и соништа се неминовен дел од колективното несвесно; иако навидум страшни, во себе содржат огромен потенцијал за трансформација и реализација на себството. Затоа, не плашете се од комшарите во сонот! Само преку соочувањето со тие демони ќе можеме да го промениме кошмарното во реалноста“, стои во најавата за изложбата.

Учесници се Емилија Дамјановиќ, Мерима Сарачевиќ, Евгенија Трајковска, Маја Андоновска Јокиќ, Јоана Ристеска, Татјана Јовановска, Јелена Белиќ, Катерина Димитровска, Милена Петковска и Евгенија Трајковска.

Настанот е дел од годишната програма на КСП Центар-Јадро, поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.