Изложба на театарски фотографии „Фаза: Темно“ на Драган Гајиќ во Центар-Јадро

Во КСП Центар-Јадро денеска (четврток, 20 мај) со почеток од 19 часот ќе биде отворена изложбата на театарски фотографии на авторот Драган Гајиќ, насловена „Фаза: Темно“.

Изложбата е дел од проектот „Годишна програма Културно-социјален простор Центар-Јадро“ на самата установа, каде ќе биде достапна за посетителите заклучно со 29 мај.

Кураторката д-р Ивана Јарчевска вели дека шатувањето низ кое Драган Гајиќ чекори во изложбата „Фаза: Темно“ побудува чувства на притаени моменти естетизирани во мигот на улов. Уникатноста на неговата театарска фотографија, посочуба таа, е во визуелниот јазик кој го користи, во интимната средба што ја има со секој актер, во поставеноста на сите елементи во композицијата и во драматиката која ја носи секоја од нив, но и заедно.

„Фотографиите работени во периодот од 2015 до 2020 година се приказ кој во длабочината и бојата на темнината создаваат композиција на обмислена идеја, длабоки чувства и акцентиран микрокосмос. Врската на Гајиќ со театарот е интимна приказна, каква што е и секоја вистинска приказна. Тоа е приказна низ фотографии кои излегуваат од полето на кое припаѓаат: документаристичка која има за цел да го зачува мигот на претставата која ја има во одреден временски/сценски простор. Таа сега станува уметничка експресија, зачувана рефлексија, исечок од театарската магија … Оној исечок во кој актерот преку неговиот лик/поза/трансформација станува слика која зборува илјада зборови“, вели Јарчевска.

Инаку, Драган Гајиќ е роден во Скопје, 1967 год. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности- отсек камера. Постдипломските студии за фотографија и маркетинг ги завршил во Њујорк.

Во периодот 2000-2020 има низа професионални ангажмани во филмови и копродукциски проекти како асистент на камера , во Македонија и во странство. Директор е на фотографија во повеќе македонски серии, документарни филмови, ТВ филмови, реклами и музички спотови, а покрај тоа работел и на рекламни кампањи, едиториали, каталози…

Со фотографија се занимава 6-годишна возраст кога татко му Душан Гајиќ, директор на фотографија на многу филмови во тогашната СФРЈ, ќе му подари два апаратa: Зенит лајка формат од руско проиводство и Тауер апарат од американско производство за филмови со голем формат.

Досега има изложби на фотографии во Њујорк, Македонски народен театар, Мала станица, но и други меѓународни и интернет изложби.

Изложбата е реализирана со финансиска помош на Министерство за култура.