Самостојна изложба на скулптури „Реинкарнација“ на Предраг Јаневски – Драшко во Центар-Јадро

КСП Центар-Јадро и ликовното здружение „Училница 8“ денеска (1 ноевмри) од 19 часот повикуваат на отворањето на самостојната изложба на скулптури „Реинкарнација“ на Предраг Јаневски – Драшко.

Кураторот Владимир Величковски пишува дека во изминативе 40 години на македонската ликовна сцена егзистира за Предраг Јаневски – Драшко, живее и работи во Скопје, повлечено и ненаметливо на страна од градската бучава.

„Изложбата претставува селектиран пресек на неговото скулпторско творештво создадено во различни европски средини“, пишува Величковски.

Според кураторот, Јаневски го одбра дрвото како основен материјал со специфичен начин на обработка. Во време карактеристично со „дифузија на стилови“ или плурализам на струења, Јаневски во согласност со сопствените потреби и можности се определува за традиционалниот концепт на антропоморфизам внесувајќи лични белези во сензибилна моделација на обликот и интимистичко претставување на мотивот.

„Дрвото за Јаневски е ‘живо битие’ кое има топлина во себе и можност за понепосредна обработка на мотивот. Тој, како што вели, одбира стебло од благороден вид како што е дрвото орев, вишна, бука, дрен, круша или јавор. Станува збор за едноставни фигури со сведени форми кои не претставуваат репродуциран модел во просторот туку статично поставени фигури, поединечни или групирани, некои на тема ‘семејство’. Во нив тлее хумана содржина, сугестија на осаменост на човекот, некаде со понагласена фронтална визура, не губејќи ги сетилните квалитети. Во склуптурите преовладува чувството на затвореност на компактната форма и израз кои не дозволуваат присуство на трагичното чувство на човекот-жртва“, се вели меѓу другото во кураторскиот текст.