„Слободни реки за слободни деца“ – изложба во Центар-Јадро во вторник

Во вторник (22 март) кога се одбележува Светскиот ден на водите, во Центар-Јадро се организира изложбата „Слободни реки за слободни деца“.

Како што соопштуваат организаторите, изложбата ќе биде отворена со проекција на филмот „Заробени реки“ и мини концерт на инклузивниот хор на Колектив Ветерница и Трисомија 21 – Скопје. Исто така, од Центар-јадро велат дека на изложбата ќе се раскаже и приказната за „Флуви“.

„Како колектив за користење на креативна енергија со поддршка на SEENET и Еко Свест тргнавме во инклузивна истражувачка експедиција за природната средина со особен фокус на реките. Нашиот поток со притоките на Општествената градина – Бостание, Природно научниот музеј на Македонија и КСП Центар Јадро, стана вистинска река со богата флора и фауна во која се роди ‘Флуви’. А што е ‘Флуви’? Флуви е заштитник на слободните реки. Флуви е полу човек – полу риба. Флуви е мутант риба. Флуви е раскажувач за реките. А што се реките? Реките се изворот на живот на планетата земја и нашата мисија е да ги чуваме слободни, природни и чисти“, велат од Центар-Јадро.

Настанот започнува во 19 часот, а организаторите порачуваат „дојдете заедно да ја почувствуваме чистината на изворот“.