Душан Стефановски вечерва ја отвора втората самостојна изложба „I’m really confused“

Втора самостојна изложба на младиот уметник Душан Стефановски со назив „I’m really confused“, која се состои од колекција на монохромни дела создадени низ 2021 и 2022 година, ќе биде отворена вечерва (29 април) од 20 часот во КСП Центар-Јадро.

Поставката ќе трае до 5 јуни.

Душан Стефановски (роден 1996 во Скопје) има образование во графиката, којшто ги опишува своите дела како целосно визуелни знаци што излегуваат спонтано од некој контекст. Поради искуството со графити уметноста, блиски во неговиот метод на работа му се спрејовите и маркерите.

„Но неговата работа е водена и од ставот, вештината и желбата да создаде едноставен и препознатлив визуелен знак. Затоа, пристапот на Душан не е ограничен само на традиционалните медиуми како платно и графика, туку тој работи и со најдени објекти (најдени врати, дрвени штици, рамки) и ги користи како површина за работа. Неговиот ентузијазам и енергија во креативната работа се повеќе од очигледни, гледајќи ја уметноста како можно неограничена кога станува збор за нејзината материјалност“, стои во најавата за изложбата.