Автобусот кој изгоре не бил пријавен за меѓународен превоз – започната постапка за одземање на лиценцата на компанијата

Автобусот кој 2 часот по полноќ изгоре во Бугарија, а во кој загинаа 45 лица, од кои најголем дел македонски државјани не бил пријавен за превоз на патен сообраќај од страна на компанијата „Беса транс“ и поради тоа, возилото го нема во електронската база на Министерството за транспорт и врски (МТВ), изјави вечерва министерот Благој Бочварски.

Тој соопшти дека министерството издава лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници, како и извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници за секое возило поединечно.

„Бидејќи од досега добиените сознанија дека превозникот вршел меѓународен превоз без извод од лиценца за тоа возило врз основа на член 12, став 2, алинеја 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај, Министерството за транспорт и врски како надлежен орган отпочна постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот“, рече Бочварски.

Дополнително, тој соопшти дека компанијата имала лиценца за меѓународен слободен превоз на патници од 2018 година, која важела до 2022 година и додаде дека компанијата имала пријавено четири автобуси со лиценци, но не и возилото кое утринава изгоре.

Во меѓувреме, министерот потенцираше дека контролата и надзорот над превозот на патници и стоки во домашниот и меѓународниот патен сообраќај е надлежност на Државниот инспекторат за транспорт, а додаде дека при констатиран недостаток во работењето и по предлог на Инспекторатот, Министерството може да ја одземе лиценцата за работа на превозникот.

Бочварски исто така соопшти и дека Владата денеска го задолжила Инспекторатот да изврши вонреден инспекциски надозр на работењето на „Беса транс“.

Поради несреќата, Владата на Република Северна Македонија претходно прогласи тридневна жалост.

Прогласена тридневна жалост по несреќата во Бугарија во која загинаа 45 лица