Новинарот на Радио МОФ, Бојан Шашевски ја освои втората награда на конкурсот во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Шашевски го освои второто место за неговата сторија: „Децата ни се жртви на арсенот“ – рударскиот локалитет „Лојане“ фатален за жителите од липковските села“.
„Станува збор за новинарски перфектно изведено дело, по класични стандарди“, истакна претседателот на жири комисијата што одлучуваше, новинарот Горан Михајловски.
„Јас сум од старата школа, па јас тоа посебно го ценев. Но, она што може посебно да се издвои е дека станува збор за локален проблем. Вие знаете, кога е нешто локално тоа не добива многу значење и тука пак се враќаме на нашиот проблем на новинарството, дека нема доволно дописници. И тие дописници што се, исто така се премногу ранливи. Слабо платени, рекетирани, уценувани од локалната власт и слично. Така што, кога некој од Скопје, каде што има мноштво теми и лесно може да си ја заработи платата, ќе се упати до Лојане или до кое било место во Македонија, да направи сериозен новинарски производ како што треба по сите новинарски стандарди, тоа е сепак за почит и поттик за другите да го прават тоа“, рече Михајловски.
Темата на конкурсот беше „Справување со загадувањето на воздухот – зајакнување на јавната свест за проблемите и можните решенија“.
Првата награда припадна на Истражувачката репортерска лабораторија-ИРЛ за нивното истражување насловено „Заговор против воздухот или како Македонија остана последната европска депонија“.
Третата награда ја освои новинарката на „Види Вака“, Христина Ѓорѓиевска за нејзината сторија насловена „Заробените бели дробови на градот“.