[Интервју] Моловска и Коробар: Уметноста може да постави вистински прашања и да биде двигател за промени

Ако деновиве поминете на скопската улица „Рузвелтова“, ќе забележите згради на чии фасади се поставени црно-бели портрети од 130-ина уметници, културни работници, креатори на културни политики или поддржувачи на културната сцена, кои би го свртеле вниманието општата јавност кон културата и уметноста.

Се работи за локална акција што ја иницираат Весела Моловска и Марија Коробар, како дел од глобалниот проект „Inside out“.

Тие истакнуваат дека целта на ваквата инсталација е таа да испрати порака дека уметноста може да е двигател за промени, да постави вистински прашања, да отвори нови можности, да го разбуди општеството и да влијае на колективната свест.

Најпрво, за вовед, да ми дадете основни техникалии за делото. Плус, зошто беше одбрана „Рузвелтова“ за вакво дело?

Во 2011 година, светски познатиот француски уметник JR го започнува проектот „Inside Out“ како партиципативна платформа која им помага на поединците и заедниците да дадат изјава во општеството, преку групна акција, со прикажување на црно-бели портрети од големи размери на јавни површини, видливи за јавноста.

Во текот на изминатата деценија, повеќе од 400.000 луѓе опфатени низ 138 земји во светот, со свои акции учествувале во „Inside Out“ проектот. Ние во соработка со Максим Ристевски ја создадовме оваа идеја како апел за неопходноста од позастапена културна програма на јавен простор.

За акцијата важно беше да се одбере површина која ќе биде видлива за голем дел од граѓаните. Изборот на локацијата беше спонтан. Во овој процес се сретнавме со проблеми или недоверба од институциите и граѓаните кои беа загрижени дека можеби ќе се оштетат објектите. Станарите од „Рузвелтова“ 44а и 46 беа согласни да ја изведеме оваа инсталација која е од времен карактер. Тоа се соседи на Весела и со задоволство земаа учество во акцијата.

Некој веројатно ќе праша „а, зошто го нема овој лик кој е многу важен, поради тоа и тоа?“. Но, еве, претпоставувајќи дека уметноста е субјективна димензија, и нели не е поентата да се „угоди на сите“, сепак како одеше процесот на селекција на портретите? Буричкавте по културните архиви, по CV-a на луѓе, или правевте листа на луѓе кои ги знаете и едноставно знаевте дека им е местото таму? Или сите овие работи влијаеја…? 

Идејата е да тоа бидат уметници, културни работници и граѓани кои на свој начин оставиле отпечаток во општеството. Личности без политичка позадина, успешни во својата дејност. А за нас најважно, луѓе кои застануваат позади пораката која ја испраќаме.

Временскиот рок до некаде ги диригираше правилата. Да имавме повеќе време и средства веројатно ќе требаше да исполниме цела зграда, можеби две. Има тука квалитетен кадар и визија, за жал ретко може да дојде до израз. Фотографиравме профили од сите уметности, креатори и поддржувачи на културната сцена.

Делото има наслов „Нека светлината од уметникот се одрази врз целaта заедница“. Како општество, заборавивме ли колку е важна и потребна таа светлина, но и улогата на културата во нашето секојдневие и развојот?

Се’ почесто среќаваме социјално-општествени мислења кои изразуваат впечаток на дистанцирање од уметноста, која станува се подалечна од секојдневието и наместо да инспирира се расчленува од перспективата на граѓаните. Прифаќаме дека тоа се должи на недоволна перцепција на стварноста од страна на институциите и уметничката фела, како и малиот број на фондови за поддршка.

Сметаме дека уметноста има објективни можности да биде двигател за промени, може да ги постави вистинските прашања, да отвори нови можности, поттикне промена во општеството. Кај нас недостасува сериозен пристап односно стратегија за развој и поддршка во културата.

Често самите уметници и културни дејци критикуваат дека медиумите не им обраќаат доволно време, дека културата е маргинализирана. Ако културата боде во очи, на јавен простор, може ли таа да биде сфатена посериозно, а истовремено да може да продолжи да живее, одново и одново? 

Тоа е очигледно. Мал е бројот на медиуми кои отстапуваат простор или имаат концепт за култура во своите редакции. За настаните кои се случуваат најчесто дознаваме откако се завршени. Со појавувањето на социјалните мрежи на интернет, институциите станаа уште повеќе инертни и троми, па наместо да се борат за поголема застапеност во медиумскиот простор, тие случувањата ги објавуваат токму таму, што сметаме за несоодветно.

На Скопје му фалат повеќе настани од јавен карактер. Малубројните случувања од овој тип собираат значаен број на публика, што ни укажува дека граѓаните тука (како и секаде) ја имаат потребата.

Во јавно излагање рековте дека посакувате и што поголеми инвестиции и поветеност генерално во уметничките програми. Само така на општествено ниво ќе се променат перцепциите на подобро и ќе олабавиме од секојдневни политички мудрувања, па, следствено ќе сакаме да зборуваме и правиме убави нешта. Но, како да дојдеме до степен да ги натераме тие што треба да инвестираат – да инвестираат?

Во светот развиените земји имаат утврден модел како се прави стратегија за култура и како се привлекуваат инвеститори. Тоа се прави на национално ниво. Кај нас во минатото имало обиди да се воведат начини за стимулирање на дејноста. За жал без успех.

За изведбата на овој проект/акција најтешко беше да се обезбедат финансиски средства. Условот кои ни беше поставен од Њујорк беше да нема истакнување на никаков бренд, организација или институција. Ова е граѓанска акција и сите донатори треба да останат анонимни, со што сите регуларни (вообичаени) канали за финансирање ни беа затворени. За да го оствариме техничкиот дел од акцијата добивме донација од наша блиска пријателка која како општествено одговорна личност е свесна за значењето и моќта на културата.

Сепак со помош на граѓаните кои се вклучија, секој на свој начин даде придонес за реализација на акцијата. Всушност целиот проект е остварен од ентузијазам и чувство на одговорност.

Скопската „Inside Out“ ќе трае следните два месеци. Што ќе се случува сега, во следниов период, кога најавивте дека како дел од проектот е создавање и документарен филм? 

Нашата инсталација е од времен карактер со идеја да испрати порака. Временските услови ќе го диктираат времетраењето. Акцент на проектот е создавање на краток документарен филм во кој ќе ги нотираме мислењата на уметниците и граѓаните за нивните ставови и идеи во врска со прашањата кои ги поставивме.

Бојан Шашевски