Пингвини „прошетаа“ низ Скопје – уметничка акција за проблемот со парното греење

Центарот за современи уметности (ЦСУ) денеска спроведе акција која се состои од група пингвини кои „шетаат“ низ Скопје и всушност ги претставуваат жителите кои во последно време се соочуваат со се поладни радијатори, со што нивните домови заличуваат на поларни куќи, велат од ЦСУ.

Насловот на уметничката акција е „Метаморфози и еволуција – Скопјани и топлификација“, посветена на проблемот со парното греење во Скопје, додаваат тие.

„Со оваа акција исто така сакаме да ги предупредиме скопјани кои се затоплуваат со централно парно греење дека се поизвесно е дека од утре заради немањето гас на топлификација и заради кавгите на релација Град Скопје – Влада – БЕГ – Регулаторна комисија е можно парното во нивните домови на овие минусни температури да биде слабо или да го нема а тие да се чувствуваат како пингвини“, велат од Центарот за современи уметности.

Акцијата е дел од урбаните уметнички акции на центарот и е финансиски поддржана од Фондацијата Отворено општество Македонија.

Инаку, најголемиот снабдувач со парно греење во Скопје – БЕГ вчера вечер најави дека од утре, сабота, 15 јануари, ќе го исклучат парното за 54.000 домаќинства, 95 образовни установи и 1.027 други објекти во главниот град.

БЕГ најави дека од утре ќе го исклучи парното за 54.000 домаќинства