[Видео] Советниците на Град Скопје ги пречека божиќна елка со желби на граѓаните

„Дупло повеќе зеленило, дупло помалку бетон“, „Да дишам чист воздух“, „Да се подобри хигиената во градот“, „Нова пешачка зона во центарот на градот“, „Град Скопје да ми ги исплати субвенциите за велосипедот“, „Да има помалку партиски препукувања“.

Ова се некои од новогодишните желби на скопјани, поставени на божиќна елка која утрово ги пречека советниците на Град Скопје, непосредно пред почетокот на седницата на советот. Скопјани претходнo овие желби си ги посакаа преку платформата „Мој град“ на независната советничка група Зелен хуман град.

Советникот во Град Скопје од Зелен хуман град, Горјан Јовановски за Радио МОФ вели дека како советничка група одамна зборуваат за потребата за директна демократија, но бидејќи тоа сè уште не се случувало во градот и покрај нивното инсистирање, на платформата „Мој град“ креирале секција каде секој можел да напише сопствена желба.

„Тие желби потоа ги донесовме овде, на ова дрво, да ги закачиме пред сите советници, пред градоначалник, служби, сектори, установи за секој да може да види што бараат скопјани и да може да постапуваме на тој начин, и во наредната година. Но и ова да стане пракса, не на овој начин само како елки, иако е супер, туку и директно градот да се вклучи во консултација со граѓаните“, смета Јовановски.

Намерата на божиќната елка е советниците директно да ги видат пораките пред самиот влез на салата на советот, бидејќи сега се носи и буџетот за наредната година, за кој Јовановски вели дека е круцијален документ за како градот ќе работи во наредната година, додавајќи дека мора да ги слушаат граѓаните.

Тој објаснува дека се сложуваат со сите желби кои ги посакале скопјани преку платформата „Мој град“, нагласувајќи дека тие се однесуваат на работи поврзани со животната средина, односно се’ она за кое ЗХГ се бори.

„Желбите се многу на место и сите проекти кои што ги предлагаме ние како ЗХГ и за оваа буџетска година преку нашите амандмани се засноваат на овие желби, се засноваат на тоа да имаме почист град, позелен град, помалку аерозагадување, повеќе велосипедски патеки, компостари, мерни сензори, буквално сите работи кои што и преку покомплексниот начин кажано на ‘Мој град’ платформата, граѓаните може да го поднесуваат, а ова беше да речеме еден поедноставен начин. Секако дека, бидејќи ова е побарано, наше е сега како претставници на скопјани во советот да го застапуваме и да ги туркаме нивните барања“, вели Јовановски.

Советникот е дециден дека ваквата акција е за вистински да ги поттикнат другите да го работат тоа што го прави и ЗХГ, и дека не се работи за ПР или публицитет.

„Идејата e сега за сега тука да биде, со тоа што сакаме да ја засадиме понатаму, само зависи од времето, ако се минусни температури, може да биде проблем засадувањето, така да може дури и да причека до пролет. Најпрвин ако добиеме дозвола во самиот град, за секоја година понатаму да ја китиме елката со желби, а ако не, тогаш ќе ја засадиме надвор во градскиот парк“, вели Јовановски.

Мартин Колоски