Град Скопје: „Зелен Хуман Град“ манипулира со граѓаните за зеленилото на улицата „Васко Карангелески“

Град Скопје денеска преку соопштение реагираше дека „Зелен Хуман Град“ ја манипулира јавноста дека со пробивањето на улицата „Васко Карангелески“ ќе биде изгубено зеленило, откако групата организираше протест насловен „Во одбрана на дрвјата во Аеродром“.

Од Град Скопје велат дека по завршувањето на изградбата и пробивањето на улицата ќе биде засаден дрворед со повеќегодишни високостеблести садници по должина на целата улица, со што, како што тврдат, речиси тројно ќе се зголеми зеленилото долж улицата.

„Дополнително покрај тројното зголемување на дрворедот улицата во делот од крстосницата со ул. Владимир Комаров до крстосницата со бул. Трета македонска бригада ќе добие нови тротоари, велосипедски патеки, нова атмосферска канализација и ново ЛЕД осветлување. Со тоа се зголемува нивото на безбедноста и на велосипедистите и на пешаците кои се движат на овој потег, особено имајќи предвид дека во непосредна близина се наоѓаат основното училиште Љубен Лапе, еден пензионерски дом и поликлиниката Јане Сандански“, се додава во соопштението на Град Скопје.

Истовремено, оттаму додаваат дека проектот за изведба на оваа сообраќајница бил претставен пред иницијативата „НаТочак“ каде што биле покажани решенијата за велосипедските патеки, тротоарите, новото осветлување и зазеленувањето на тротоарите.

„Ова е од особена важност за учениците од блиското основно училиште кои во моментот немаат тротоар од својата страна на улицата. Од претставникот на иницијативата е искажано разбирање за нужното проширување, а 4 дена подоцна на истата локација Град Скопје со поддршка на иницијативата #НаТочак го реализираше настанот ‘Улици за Луѓе’ кога улицата беше цел ден затворена за автомобили“, потенцираат од Град Скопје.

Во меѓувреме, тие велат дека потегот од улицата кој поминува покрај основното училиште во моментов нема ниту пешачка, ниту велосипедска патека од страната на училиштето, додека тротоар има само од страната на пензионерскиот дом, додавајќи дека го прави движењето на пешаците и на велосипедистите на овој потег недоволно безбедно.

„Оваа сообраќајница е од исклучително големо значење за новите населби кои се изградија на местото на некогашните воени бараки и некогашната касарна Гоце Делчев, каде што популацијата е повеќекратно зголемена“, додаваат тие.

Активисти и локалци протестираа против најавата за сеча на дрва во Аеродром