НаТочак со реакција: Консултации не се прават на веќе одобрени решенија

Неформалната иницијатива „НаТочак“ денеска се јави со контра реакција на Град Скопје. Тие тврдат дека на средбата каде имало нивен претставник им било презентирано завршено и одобрено решение за пробивање на улицата „Васко Карангелески“, проект за кој денеска се одржа протест. Ваквото соопштение следува откако Град Скопје се јави со реакција по протестот на „Зелен Хуман Град“, опишувајќи го како манипулација со граѓаните за зеленилото на улицата.

Во реакцијата на Град Скопје се посочува дека на претставник од „НаТочак“ му бил претставен проектот за проширување на улицата и дека нивен претставник искажал разбирање за проширувањето, додека четири дена подоцна на истата локација, градот со поддршка на иницијативата го реализирала настанот „Улици за луѓе“.

„Од претставникот на НаТочак, иако беше искажано разбирање за пробивањето (не за проширувањето) на улицата, неколку пати во текот на состанокот беше нагласено дека проектот треба да го вклучи постоечкото зеленило со повеќедецениски дрворед, да го задржи широкото шеталиште, и да обезбеди мирен простор за движење за учениците и пензионерите што често го користат тој простор. Претставниците од Градот декларативно се согласија повторно да го разгледаат просторот и да пробаат да изнајдат начин за задржување на шеталиштето“, стои во соопштението на „НаТочак“.

Истовремено, оттаму додаваат дека во периодот што следувал не се организирал ни вториот настан на „Улици за луѓе“, ниту пак, како што велат, градот ги известил дека работеле на алтернативни решенија за улицата.

„Дополнително, ниту еднаш не беше понудена можност за консултации однапред за новите ‘реконструкции’ на градските улици со цел унапредување на квалитетот и безбедноста за пешаците и велосипедистите. Консултации не се прават на веќе одобрени решенија. Тоа е информирање, не консултирање“, додаваат од „НаТочак“.

Оттаму велат дека улици за луѓе не се прават без консултација со луѓе и бараат од Град Скопје и институциите на кои им понудиле помош да не ги користат состаноците каде биле презентирани веќе одобрени проекти, за како што велат, алиби за лошите решенија на терен.

Град Скопје: „Зелен Хуман Град“ манипулира со граѓаните за зеленилото на улицата „Васко Карангелески“