Вакцините против коронавирусот го намалуваат и ризикот од долгорочен Ковид, покажа нова студија

Целосната вакцинација против Ковид-19 не само што го намалува ризикот од инфицирање со вирусот, туку штити и од тоа болеста да се развие во долгорочен Ковид, покажа научно истражување од Кралскиот колеџ во Лондон.

Студијата покажува дека кај малцинството луѓе, кои можат да се заразат со вирусот и покрај примени две дози од вакцината, шансите да развијат долгорочни симптоми од болеста кои траат повеќе од еден месец се намалуваат за 50%, пренесе Би-Би-Си.

Оваа статистика е направена во споредба со лицата кои не се вакцинирани.

Најголемиот број луѓе кои се заразуваат со Ковид-19 целосно заздравуваат во период од четири недели, но сепак за мал дел симптомите продолжуваат и понатаму – состојба наречена долгорочен Ковид. Ова може да се случи и на луѓе кои имале само благи симптоми на коронавирусот.

Научниците, чиј труд беше објавен во во медицинското списание „Лансет“, велат дека е јасно дека вакцинацијата спасува животи и спречува сериозни заболувања, но влијанието на вакцините врз развивање долготрајна болест беше помалку сигурна.

Анализираните податоци биле собрани преку посебна смартфон апликација преку која се следеле симптомите, вакцините и тестирањата кои испитаниците сами ги пријавувале.

Во периодот од декември 2020 до јули оваа година било следено здравјето на 1,2 милиони возрасни лица кои примиле една доза од вакцината против Ковид-19 и 971.504 лица кои примиле две дози.

Податоците покажале дека само 0,2% од двојно вакцинираните лица имале инфекција со Ковид-19 по вакцинацијата, а од овие лица 5% подоцна пријавиле дека имале долгорочен Ковид. За споредба во невакцинираната група оваа бројка била 11%.

„Ви поглед на товарот од долгорочен Ковид, добра вест е што нашето истражување откри дека ако имате двојна вакцинација значително се намалува ризикот и од добивање на вирусот и од развој на долгорочни симптоми“, вели д-р Клер Стивс, која го предводела истражувањето.